Контроверзноста на ваквите дела со експлицитен секс (не само филмови, туку и претстави, перформанси и сл.), кои сепак не спаѓаат во категоријата „порно" туку во „уметнички", е стап со два краја - тоа ем на моменти им прави проблем (обиди за цензура или обвинувања за претенциозност), ем кај одредена публика прави филмот да биде гледан и допадлив токму, или само заради тие моменти. Така, оној кој имал намера голотијата во неговото дело да задоволи повисока цел, излегува дека не докачил многу погоре од под појасот.
Клип, ако е порно, тогаш не е во оваа смисла. Перверзното во него не се одблиску снимените кадри на коитус, во кои гениталиите (особено оние машките) се закануваат да ви влезат од монитор право во дневна соба. Многу повеќе таква е целата атмосфера на емотивна испразност на една генерација, која иако не е ни прва ни последна соочена со прашањата за смислата на животот, доброто и злото, генерацискиот јаз и маката на тинејџерското пронаоѓање свој пат, е меѓу првите кои во толкава мерка е изложена на технолошко посредуваните „вистини" за животот, љубовта и сексот и на (без)успешните обиди истите симулирани реалности да се пресликаат во оние нивните, на младите од ниската средна класа од некое белградско предградие.
16-годишната Јасна, главниот лик во приказната, живее со терминално болен татко, мајка која се обидува со крајни напори да го одржи семејството на куп и сестра во сосема епизодна улога, во постојано несредена соба и живот меѓу соученици со кои до рано наутро шмрка кокаин, слуша турбофолк, пали дневници и уништува школски инвентар, и пеколно се е*е, иако во ништо од тоа не изгледа дека вистински ужива. Таа, и нејзините пријатели, постојано се снимаат со мобилните или гледаат клипови на нив, до таа мерка што на момент филмот заличува на долга (иако бизарна) реклама за мобилен оператор. Во една сцена дечкото на Јасна се самозадоволува гледајќи клипче на кој самата се снимала, додека таа лежи испружена, потполно гола пред негови очи. „Немој да си мрднала", ѝ вели тој, како нејзиното физичко присуство да му пречи, иако виртуелно го дразни.
До кај отиде светот, би рекол некој, и веројатно би бил во право. Но „Клип" сепак нема намера да го изигрува „педагогот" каде што те праќаат по казна кога си немирен, да попува, осудува или да покажува со прст, ниту кон виновникот ниту кон потенцијалните „жртви". Филмот вели - работите стојат вака, и мислиме дека тоа треба да го знаете. Тоа што и во подалечни земји од Србија таа реалност е очигледно препознатлива, само покажува дека филмот и не е толку далеку од документарен.