Глобалниот бестселер „Капиталот во 21 век" го разгледува односот на стапката на акумулација на капиталот со економскиот раст во Европа и САД во тек на 250 години, од 18 век до денес, користејќи како извори и современи даночни досиеа на економската елита. Идеите на Пикети за надминување на глобалната нееднаквост некои негови колеги ги нарекуваат „наивни, ако не и утописки", но дури и тие признаваат дека економската анализа и историските докази кои ги наведува во книгата „го одземаат здивот".
Истовремено, на пошироката јавност која можеби не знае ништо за неговите економски теории Пикети ѝ стана симпатичен кога лани го одби највисокото француско признание, Легијата на честа, порачувајќи ѝ на владата и на Саркози наместо да кажува кој е заслужен а кој не е, да се фати за реална работа.(за што пишувавме тука),
Филмот базиран на спомнатата книга ќе биде продуциран и режиран од двајца новозеланѓани - Метју Меткалф и Џастин Пембертон. Тие ќе се обидат „сувата“ економска теорија од 700 страници (26 часа во аудио формат) да ја сведат на гледлив документарец, кој ќе се снима на повеќе локации во светот. Француско-новозеландската копродукција е комбинација на јавни и привати фондови, а премиерата се очекува во средина на 2017.
„Приказната за нееднаквоста која ја раскажувам во книгата не е само економска. Таа зборува за војни, револуции, моќ, конфликт, политичка борба. Се обидов да покажам дека сето ова нема врска само со економијата, туку воопшто со контролата", изјавил Пикети.
„Луѓето низ светот се презаситени од муабетот дека овие прашања се технички и треба да им бидат оставени на експерти. Се надевам дека овој филм ќе може да го стави сето тоа во контекст и да допре до што повеќе луѓе. Филмовите можат да бидат моќен начин да се зборува за нееднаквоста, за зголемување на свесноста за ова прашање и за политичка мобилизација“, додал тој.