„Основната цел на библиотеката треба да претставува ЗАДОВОЛУВАЊЕТО НА ПОТРЕБИТЕ И ИНТЕРЕСИТЕ НА СИТЕ ВОЗРАСТИ НА ЧИТАТЕЛСКА ПУБЛИКА, согласно основниот, темелен ресурс на нашето време, а тоа е ИНТЕЛЕКТУАЛНИОТ КАПИТАЛ“
- пишува на страницата (сосе големите букви) на јавната установа - градска библиотека „Браќа Миладиновци“ од Скопје. Во заглавието пак „Јавен сервис на граѓаните“ се вели:
„Библиотеката не треба да чека луѓето да влезат низ врата, напротив, таа ќе е активна надвор, ќе ги слуша барањата на луѓето и ќе ги поврзува со библиотечните ресурси, онаму каде што се тие.“
Првата информација на Фејсбук профилот на истата библиотека од моментот на прогласување на пандемијата во земјава е од 12 март, со која читателите се известуваат за одлуката таа да не работи со корисници. Следното е „суво“ соопштение дека нема да се евидентира пропишаниот рок за враќање на позајмените книги. Скоро еден месец подоцна, под хаштагот #седидома се препорачува читање на книги од е-фондот, на сите 12 (дванаесет!) книги поставени на сајтот. Последниот пост е од 21 мај, известување за литературен натпревар за ученици од основни училишта кој бил реализиран преку мејл.
Толку.
Под секој од овие постови читатели реагираат на неактивноста на институцијата и „ускратената можност за изнајмување книги кога ни се најпотребни“. Предлагаат шалтерски систем и дезинфекција. Никој не бара да се отвораат читални, библиотекарите да доаѓаат до дома (а про по „ќе доаѓа до таму каде што тие се“), во соработка со Црвениот крст бесплатно да се зачленат повозрасни граѓани и преку волонтерите да се врши достава, да се објават корисни линкови до сајтови каде можат да се најдат е-книги (ако веќе самата библиотека нема голем број на располагање), или вработените да се снимаат како читат извадоци и да ги постираат онлајн. Веројатно има илјада и еден начин покорисно и попродуктивно да се исполни времето на библиотекарите кои (веројатно) се секојдневно на своите работни места. Единствено скромно барање е да може да се позајмат книги.
На сето тоа се реагира со еден единствен потег - нема да се наплаќа казна за невратена книга.
Секако, критиката не се однесува само на конкретната библиотека, која ја земавме како пример - ако ништо друго, таа има сајт што можеме да го цитираме. За споредба, сајтот на НАЦИОНАЛНАТА И УНИВЕРЗИТЕТСКА БИБЛИОТЕКА, Св. Климент Охридски, е недостапен, и тоа не сега, за време на пандемијата, туку СО МЕСЕЦИ.
Додека кај нас библиотеките ризикуваат да ги загубат читателите, во поголемиот дел од светот тие го користат овој момент за да им излезат во пресрет и да ги обезбедат не само со книги, туку и со информации, и да ги вклучат во различни виртуелни активности. Само за пример, библиотеките во поширокиот регион на Вашингтон (Disctrict of Columbia Public Libraries) од 16 март до денес имаат регистрирано 7000 нови корисници, а биле изнајмени вкупно 300.000 електронски и аудио книги од нивните ограничени збирки („ограничени“ во споредба со големите физички фондови). Читаноста пораснала за 37% од истиот период во 2019. Најголем пораст се забележува кај детските е-книги, а младинската литература прв пат во историјата на бележењето на библиотечните позајмувања на национално ниво ја надминала читаноста на прозата за возрасни.
Но не е само до книгите и читањето. Голем дел од библиотеките во САД ги оставиле вклучени безжичните уреди, кои луѓето (дури не мора ни да се зачленети во библиотеката) ги користат за печатење на она што им треба, апликации за работни места, формулари и сл. Од март до сега на 20.000 уреди биле направени 60.000 печатења во ходниците на библиотеките (веројатно со некаков режим на влез и излез на заинтересираните). Некои библиотеки од крај на април ги отвориле портите САМО за влез во тоалетите, за да им помогнат на бездомните ДА СИ ГИ ИЗМИЈАТ РАЦЕТЕ и да одржуваат хигиена.
Но некои библиотекари не чекаат институцијата, државата, власта, СЗО-МЗО нешто да реши, туку ги земаат работите во свои раце - како оваа училишна библиотекарка која дели бесплатни книги во текот на пандемијата. Поблиску до нас, на островот Бол на Јадранот, локалната библиотекарка СО ЈАЖЕ им спушта книги на заинтересираните - „телото може да закржлави, но главата и духот никако не смеат“.
Назад кон нашата ситуација. Отворени се продавници, трговски центри, обложувалници. Од утре (вторник, 23.6) и казина, фитнес центри. Наскоро ќе се отворат и меѓудржавните граници.
Последниот бастион остануваат најстрашните извори на зараза - книгите и библиотеките.