Во видео интервју со проф. Влада Урошевиќ објавено вчера, 14.1. на каналот на Рес Публика, тој зборува на повеќе значајни теми. Меѓу нив за тоа што значат природните непогоди и епидемиите за уметноста. Во тој контекст спомнува книга со сатирични илустрации, посветена на историјата на епидемиите, објавена во Франција во 19 век.
По трагата на оваа информација, сакавме подетално да истражиме за што станува збор. Во 1840 францускиот поет, доктор и новинар Антоан Франсоа Иполит Фабр издава книга на 360 страници под наслов Némésis Medicale Illustrée („Илустрирана медицинска одмазда“, целата скенирана тука), која претставува критика на францускиот медицински систем. Низ 25 подолги песни, со римувани стихови, тој ги исмева студентите по медицина, нивните професори, разните таканаречени исцелители (слика долу) и самата Француска академија на науките.
Книгата е богато илустрирана со 30 графики и поголем број хумористични вињети, направени од Оноре Домие (1808-1879). Овој француски сликар, скулптор и карикатурист, претходно го спомнавме во текст под наслов „Што значи да си карикатурист во Франција“, напишан во светлината на терористичкиот напад на Шарли Ебдо од 7 јануари 2015. Домие во свое време бил шест месеци во затвор заради своето претставување на кралот Луј Филип како ликот на Гаргантуа на Рабле, а негова подоцнежна карикатура на истиот владетел со глава во форма на круша е една од најславните илустрации на 19 век.
Уметниците од сите времиња биле свесни дека епидемиите се значаен фактор во еволуцијата на човечкото општество, и за арно и за лошо. Ова го насетувал и Домие кога одлучил да ги илустрира заразните болести на неговото време во гореспоменатата книга. Но и остро да ги исмее оние медицински лица кои дебело им наплаќале на своите пациенти, без реално многу да им помогнат.
Една од нив е епидемијата на колера во Европа која почнала да се шири од Азија во 1830, во јули веќе била во Константинопол, во август во Виена. Во Берлин била причина за смртта на Хегел, а композиторката Фани Менделсон-Хенсел (сестрата на Феликс Менделсон) едвај преживеала, по што ја напишала „Кантатата за колерата во Берлин“. Следни биле Англија и Франција. Во Париз таа убила над 18.000 луѓе, а легендите велеле дека особено ги напаѓала луѓето кои ѝ се потсмевале, на маскирани балови, на кои се изведувале „валцери на колерата“ или на кои учесниците се маскирале како скелети или зомбија.
Луѓето буквално умирале на улиците на Париз, почнале да се шират и различни теории за изворот на болеста, а премиерот Казимир Перие, откако ја посетил централната болница за да ја смири ситуацијата и да ги утеши жртвите, и самиот се инфицирал и умрел во рацете на еден од најпознатите лекари на тоа време.
Сето ова е содржано во илустрациите на Домие од спомната книга, која и покрај својата сатирична природа сепак успева да ги прикаже ужасите на тоа време. „Спомени на убиствената колера“ е една таква илустрација, на која се прикажани мртовечка кола, прегладнети животни и мртви по улиците.
Негова литографија е и „Парискиот грип“ (горе), која додуша не се однесува на пандемија туку на сезонскиот грип, кој сепак предизвикувал големи здравствени проблеми на парижани.