Во 1832 извесен Оноре Домие бил затворен шест месеци заради неговото претставување на кралот Луј Филип како ликот на Гаргантуа на Рабле, а неговата подоцнежна карикатура на истиот владетел со глава во форма на круша е една од најславните илустрации на 19. век. Тоа е само еден пример од инаку долгата и богата политичка сатира во Франција.
За разлика од САД, на пример, кадешто пишувањето стрипови, графички новели и правењето карикатури често се меѓусебно неповрзани области, во Франција интеграцијата на овие три цртачки жанрови е многу честа. Издавачката индустрија во оваа земја е помала и поцентрализирана, па не само што цртачите често работат за повеќе весници и издавачи во исто време, туку и повеќето од нив се познаваат едни со други.
Така на пример, Жорж Волински, еден од четворицата убиени карикатуристи, работел и во дневниот весник Либерасион, и во неделниците Шарли Ебдо и Пари Мач, а заедно со уметникот Жорж Пишар е автор на серијата стрипови „Полет" (Paulette). Тројцата негови колеги имале слични професионални профили, и биле мошне активни во средина која ги цени стриповите и карикатурите, не како маргинален, туку како еден од најзначајните уметнички жанрови. Волински е одликуван со Легијата на честа, и тој не е единствен карикатурист кој го има добиено ова највисоко француско државно признание. Во Франција се организира и најголемиот европски собир на професионални цртачи и нивни фанови, Меѓународниот фестивал на стрипот, кој веќе 42 години се одржува на крајот на јануари во малиот југозападен град Ангујем. Највисоката награда на фестивалот е онаа која ја доделува самиот град, а која вклучува и голема ретроспективна изложба на наградениот уметник, а Волински беше нејзин добитник во 2005.
Шарли Ебдо, чие име е асоцијација на друг стриповски лик, Чарли Браун, уште од основањето во 1969 бил радикално неконформистички и левичарски, потсмевајќи се, низ полемики, карикатури и вицови, на сите религии, како и на личности од политиката и културата. Негов последен уредник беше Стефан Шарбоне или Шарб, кој е меѓу жртвите, а весникот излегуваше секоја среда. Денешниот напад се случил за време на неделниот редакциски состанок, од страна на, како што се претпоставува, исламски терористи, кои убија 10 новинари и двајца полицајци, како одговор на карикатури во весникот кои се однесувале на исламот.
Само неколку од реакциите на колегите на убиените карикатуристи на социјалните мрежи, како дел од пошироката акција „И јас сум Шарли“, која вечерва (7.1) собра повеќе од 10,000 луѓе на Плоштадот на Републиката во Париз: