Се вика „оркестарски удар“ (orchestra hit или orchestra stab) и претставува звук добиен од голем број различни оркестарски инструменти кои свираат една единствена стакато нота или акорд. Тоа е обично момент кога ако си задремал во столче на симфониски концерт оркестарот те вади од памет со силен удар, после што сè продолжува „нормално“.
Ефектот бил промовиран преку користењето на раните дигитални семплери и го нашол својот пат во поп, хип хоп и техно жанровите, како алатка за потенцирање на премините. Може да се слушне во секоја рап или техно-поп песна од раните 1980-ти, а често и како филмски ефект (на пример нагло затворање врата).
Но историјата на ефектот е многу постара од крајот на 20 век и води до - Стравински. Во 1910, кога тој имал 28 години, во Париската опера бил изведен неговиот балет „Жар птица“. Првиот такт од една од последните сцени е токму драматичниот оркестарски удар. Во следново видео (9:25 минути) е објаснет патот од 1910 до создавањето на првиот комерцијален синтисајзер/семплер во 1975, кој го содржел спомнатиот ефект, под името ORCH2.VC.
Првиот поп хит кој масовно го експлоатира е „Планет рок“ на Африка Бамбата од 1982 - и тоа пет пати во првите две секунди. Следат песни на Дјуран Дјуран, Д Смитс, Њу Ордер, Бритни Спирс и, меѓу многуте други - Бруно Марс, кој го користи за да постигне „ретро“ ефект и носталгија. Но прашањето е, носталгија по кое време - по 1980-тите или по 1910?
Претходно: Кој тоа има задремано на концертот?