Во изминатата деценија сè повеќе музиколози се зафаќаат со истражување на тоа како еволуцијата на техниката и на изработката на инструментите влијае врз звукот на дело напишано пред повеќе од два века.
„Музиката е со една нога во физиката, а во друга во естетиката", вели Ролф Инге Году, професор по музикологија на Универзитетот во Осло. „Движењето на телото е суштинско за моделирање на звукот, и во смисла на она што го слушате, и во смисла на визуелното влијание врз публиката".
Тој користи оптичко регистрирање на движењата - истото кое се користи при изработка на анимации - за да ја истражи физиката на музичките движења. Инфрацрвени камери ја регистрираат светлината од рефлектирачки маркери поставени на рацете на челистот или на телото на перкусионистот, снимајќи го движењето на изведувачот со голема прецизност. Потоа компјутерски алгоритми ја воспоставуваат врската помеѓу овие податоци, она што се слуша и она што публиката вели дека го чувствува.
Но за да открие како биле свирени делата на Моцарт или Бетовен во времето кога настанале, Годоу соработува со негова колешка, Кристина Коб, која успеала да научи да свири пијано според техники опишани во прирачници за свирење на овој инструмент од 19 век. Според неа, тие драстично се разликуваат од оние кои ги учела самата во текот на нејзиното музичко образование.
Прирачниците биле објавени и применувани во Виена во 1820-тите, иако ги користеле и пијанисти од Франција и Британија. Главен извор ѝ бил „Комплетниот теоретски и практичен курс со инструкции за уметноста на свирењето форте пијано", најпознатиот ваков „учебник" на 465 страници, објавен во 1827 од Јохан Непомук Хумел, еден од учениците на Моцарт.
Ова за Коб било како втор пат да учи да свири пијано, бидејќи таа морала да се одвикне од веќе стекнатите вештини. Една од разликите е што лактите во верзијата од 19 век се држат строго притиснати до телото, а се свири со поситни движења на прстите. Така, акордите и скалите звучат подинамично, а паузите помеѓу нотите, кои се често работа на физичка неопходност а не на стил, се намалуваат.
Годоу и неговите соработници неодамна закачиле 46 парчиња рефлектирачки материјал на прстите на Коб и го снимиле нејзиното свирење. По анализата на нејзините движења ќе може да се каже точно кои разлики во техниката даваат варијации во постарото и современото свирење.