Веројатно најголемата животна вештина, која се учи, е не како да се одбегне, туку како да се излезе на крај со страдањето кое е едноставно неизбежно во некаков облик и обем. Во будистичката традиција, чија централна тема е токму страдањето, постои парабола која во денешни термини е одличен совет за самопомош.
Секојпат кога ќе доживееме некоја несреќа, кон нас летаат две стрели. Првата е самиот несреќен настан, кој може да предизвика болка. Но ова е само почетокот. Втората стрела носи уште поголемо страдање. Таа ја претставува нашата реакција на лошиот настан. Првата не можеме да ја контролираме, но со втората имаме одредена можност за избор. Дали стрелата ќе ја насочиме кон себе, барајќи си вина или грешка, и ќе продолжиме да се самоповредуваме и со трета, четврта, петта стрела, или енергијата ќе ја насочиме кон промена на нештата кои можеме да ги контролираме?
Служејќи се со оваа парабола (баш фино име за стилска фигура поврзана со стреличарство...), психолозите го советуваат следново. Прво, регистрирајте го изворот на првата стрела. Што е тоа што фрустрира, нервира, боли? Второ, земете здив пред да биде пуштена втората стрела, пред да се жалите, да барате кого да обвините, пред да се дерете.
Можеби во конкретниот момент е потребно малку намалување на притисокот што го овозможува испуштањето на втората стрела. Но дали тоа е навистина оправдано во сите случаи? Контролирањето на импулсивноста не е само доблест која помага нештата да се помирни надвор, туку и внатре.
Нека втората стрела биде упатена онаму кадешто треба. И нека ја погоди целта.
Илина, Букбокс