Во очите на оние кои го делат горното мислење, умереноста е некохерентна, бледа и непожелна карактеристика, спротивна на цврстината и јасноста на целта, која ја посакуваат оние кои повеќе сакаат контрасти и живи бои. „Умереноста се смета себеси за убава“, некогаш напишал Ниче, само затоа што „таа е несвесна дека во очите на неумерените изгледа црна и строга, последователно на тоа и грда“. За оние кои се политички попалени, умереноста е незадоволителна, затоа што асоцира на пасивност, а не на мобилизација и промени.
За разлика од современиот човек, оној древниот не го делел скептицизмот кон умереноста. Напротив, таа била славена како знак на цивилизираност, наспроти однесувањето на варварите кои биле такви - примитивни - заради тоа што не можеле да се воздржат од неумереност. Сепак, се знаело дека да се постигне духовен и телесен баланс не е лесно, односно дека истото бара самодисциплина и мудрост. Платон го нагласувал значењето на умереноста како средство кое ни овозможува да ги контролираме страстите, емоциите и желбите. И покрај нивните разлики на други теми, истото го вели и најзначајниот платонов ученик, Аристотел. Во „Никомахова етика“ тој ја брани доблеста на балансирање помеѓу екстреми, на златната средина која го оддржува редот и слободата во општеството. За умереност сепак нема готов рецепт - таа може да се научи и да се вгради во човечкиот карактер само преку искуство и практикување на истата, и не е соодветна за младите на кои им недостасува и знаење и трпение.
По стапките на древните мислители во 18 век Монтескје во „Духот на законите“ вели дека умереноста е врховна доблест на законодавецот, дефинирајќи ја како карактеристика која спојува неколку нешта во едно: посебен табиет, специфичен стил на политичко дејствување (спротивно на фанатизмот и екстремизмот), но и збир институционални и правни услови кои би го поддржале ваквото владеење. Мудрата рамнотежа помеѓу различните групи и класи, како и промислената архитектура на моќта која вклучува баланс/одделување на нејзините различни извори, е она што може да превенира некоја од страните да добие асполутна власт.
Умереноста, значи, е и политички став, кој во себе неодминливо ја вградува свесноста за сопствената релативна валидност - постојаното преиспитување на своите знаења и информации. Умерените одбиваат да дефинираат само еден најдобар начин како да се направат нештата, и се подготвени да прават разумни компромиси. Ги прилагодуваат едрата на државниот брод онака како што дуваат ветриштата, за тој да не потоне во време на криза.
Идејата за умереноста (и) како политички метод на владеење е детално истражена во книгата на Аруелијан Кариту, „Лицата на умереноста: уметноста на балансирањето во доба на екстреми“ (2016). На нејзината корица има човек што оди по жица - за него единствената можна насока е напред, а за да стигне до целта тој мора да има визија за дестинацијата и никогаш да не тргне очи од неа. Способен политичар според авторот е сличен на добриот одач по жица: тој или таа балансира дури и кога мора да реагира брзо, донесувајќи ги одлуките врз основа на интуиција и чувство за генералната насока. Спротивно на ова е човек кој ги знае сите одговори, кој не сака да чуе туѓо мислење и го дели светот на пријатели и непријатели, добро и зло. Во ера на растечка неумереност, таквите почнуваат да го тегнат по јаже целото општество. Кое во секој момент може да се лизне.