Во ноември 1922 египетски археолози, под раководство на Британецот Хауард Картер го пронашол долго бараниот гроб на момчето-крал, фараонот Тутанкамон. Описот на Картер на целиот потфат долго време го моделирал јавното разбирање на важноста на самиот наод, но и на споредните - политички, еснафски и други импликации. Неговата тритомна публикација „Гробницата на Тутанкамон“ (во насловот името е спелувано како Tut-Ankh-Amen) содржело изјави кои подоцна станале легендарни, на пример тоа дека кога прв пат ѕирнал во гробницата „таа била преплавена од златен сјај“.
Во тоа време имало голем интерес за откритието, што довело до тоа весниците постојано да си наоѓаат повод да известуваат за истото. Една од сториите, која се повторувала и останала популарна, се однесува на приказната за наводната клетва која ја фрлила мумијата врз оние вклучени во ископувањето, иако веста дека оние присутни на отворањето на гробницата останале на место мртви на крај се покажала како лажна.
Но една друга културолошка последица била поочигледна - духот на Тутанкамон почнал да се појавува во сеансите на спиритуалистите. И тоа - каква случајност - токму откако била пронајден неговиот гроб. Објаснувањето за ова било дека тој се вратил од задгробниот живот поради обновеното внимание за неговиот лик и дело, што во суштина и не било погрешно толкување.
Во еден случај, Тутанкамон наводно бил „канализиран“ преку медиум по име Бланш Купер која работела во Британскиот колеџ за видовити науки (да, постоел таков). Според едно сведоштво, од нејзината уста излегол „длабок машки глас“ кој зборувал на странски јазик, но со мек и музикален тон. Тој наводно им укажал на присутните на цел список предмети кои можат да се најдат во неговата гробница. Тој толку често почнал да се појавува на сеансите, што оние најопседнатите со темата изјавувале дека „веќе и помалку им здосадил“.
Сепак, Тутанкамон не бил секогаш позитивна појава. При една сеанса тој почнал да го повредува медиумот, чие тело се грчело а од устата му излегувале неразбирливи крици. Притоа тој ги скршил сите египетски фигури кои стоеле пред него, а една од нив, од бронза, била фрлена низ прозорецот. Сето ова се случило со неверојатна брзина, не повеќе од 30 секунди.
Гневот за оние кои верувале во ваквите појави бил разбирлив - па кој сака да му биде чепкан вечниот дом? Можеби добра порака за оние кои по повод 100-годишнината од откритието повторно почнаа масовно да му го спомнуваат името на Тутанкамон.