Карл Јасперс бил врвен германски психијатар и филозоф, кој се бавел со теолошки прашања и со филозофија на историјата. Иако со нарушено здравје, доживеал релативно длабока старост и починал на 86 години, во 1969-та. Роден е во Олденбург, додека Германија се уште била уредена како царство, но изразената своеглавост не му дозволувала да биде особено благонаклонет кон цареви, министри, директори на училишта, наставници по физичко воспитување и други налогодавци.
Во 1966 е снимено ТВ интервју со него, под наслов „Автопортрет“. Во него тој ги открива најзначајните искуства од својот живот. Идол му бил татко му, банкар и угледен граѓанин, човек со висок морален интегритет, но без некаков строг компас што му диктира однадвор, туку воден единствено од сопствениот разум и здрава логика. Не му наметнувал на синот да оди во црква, ниту од него барал покорност, туку секогаш му го давал на увид резонот што стои зад неговите постапки, а истото го барал и од него. Можеби токму поради ова, татко му имал проблем со авторитети, и затоа ја напуштил добрата работната позиција и (на радост на семејството) се преселиле надвор од градот.
Ваквиот конфликт со авторитети е главен мотив и во животот на синот. Во допир со таа своја карактеристика дошол прилично рано, уште во основно училиште, кога му откажал послушност на еден наставник по физичко. Наставникот инсистирал младиот Јасперс да вежба на час, иако тој имал лекарско уверение кое го ослободувало од таквата обврска. Бил условуван да се извини а во спротивно му се заканувало исклучување од училиштето. Татко му сметал дека е во право, но му обзнанил и дека не може да му вети дека ќе може да направи многу за да го задржат на училиште. Тогаш класниот раководител му ги ставил работите во перспектива:
„Секако дека си во право. Но, твоето бидување во право сега го загрозува дисциплинскиот ред во целото училиште. Би ја довел ли во прашање целосната хиерархија на авторитети, само поради тоа што си решен да инсистираш на своето право?“
Јасперс се извинил. Но, директорот и понатаму не му давал мир. Тој бил згрозен од неговата одлука да не се приклучи на едно од трите студентски здруженија, кои неофицијално - но во суштина - биле формирани на класна основа. Како знак на добра волја, директорот му понудил и да го одржи прошталниот говор во училиштето, по повод успешното завршување, но Јасперс одбил затоа што сметал дека „тоа што говорот мора да биде на латински јазик е нефер, затоа што во програмата немало доволно настава по овој јазик“. Така за крај, директорот во канцеларија „пријателски“ му порачал дека поради својата болест тој нема да стане ништо во животот.
Младиот Јасперс во тој момент не бил многу загрижен, но станал загрижен на 18 години. Дури тогаш, неговата болест на која локалните доктори не обрнувале внимание и ја нарекувале „воспаление“, првпат го покажала степенот до кој може да биде сериозна и да му го загрози животот. За среќа, лекар од друг град му рекол „Карл, ова не е ниту туберкулоза, ниту бронхо-пневмонија. Ова е друга состојба, неизлечива, но со правилна терапија ќе можеш да го живееш својот живот без значителна попреченост“. Јасперс изразува благодарност на лекарот кој точно го дијагностицирал (со бронхоектална болест) и го нарекува свој пријател.
Речиси целиот втор дел од ТВ излагањето го користи во функција на тоа да го афирмира својот клучен став, а тоа е дека Универзитетот е над државата, државата зависи од него а тој пак би требало да биде независен од неа. Кажува два примера, каде поради држењето до своето расудување, бил надгласан и доведен во позиција на социјална изолација (што би се рекло денес - бил „канселиран“).
Во еден од нив, зборува за тоа како го одбил барањето на Берлин, универзитетските професори да се кренат против условите за мир и репарациите за Германија уредени со Версајскиот договор. Тој е заљубен во слободата што ја пружа академската средина, кога пошол на студии просториите му се чинеле свети, а универзитетот како храм каде достапна е сета вистина на светот. Сепак, во завршниот дел истакнува дека клучна за неговиот живот била неговата способност да опстане во самотија. Токму она што му помогнало во тоа да стане „зрел“ човек.