Џозеф Кембел е американски митолог и професор, најпознат по неговото споредбено истражување на светските митови и религијата. Во 1949 ја има објавено „Херојот со илјада лица", комбинација на тогаш модерната психологија со антропологијата и фолклористиката, која е актуелна и денес.
Херојот во сказните, вели тој, може да има улога на воин, љубовник, цар, месија, светец, но тој (ретко таа) секогаш е влечен од невидливи сили кои му помагаат или одмагаат да ја оствари неговата мисија - она за што е предодреден, патот кој е негова судбина.
Тој пат има кружна форма, и се состои од три главни фази - заминување, искушенија и враќање, со повеќе подфази. Кембел во ваквото структурирање на херојскиот подвиг во бајките се раководел од „Обреди на премин", класичното дело на Арнолд Ван Генеп од 1909, каде прв пат се спомнува ваквата поделба на „прагови", применети во ритуали.
Еве убаво видео кое ја објаснува структурата не само на бајките, туку и на секоја успешна филмска авантуристичка приказна - „Игри на гладните", „Перси Џексон", „Хари Потер". Кругот низ кои минуваат ликовите е претставен како часовник: во 1 часот почнува патот на херојот, во два добива знак за неговата задача, во три се појавува некаква натприродна помош, во четири..Во дванаесет кругот е затворен, но нашиот лик се враќа на стартот трансформиран од искуството кое го стекнал. Тој е на истата точка, но не е веќе истиот човек - она што не го убило, го направило посилен.
„Пештерата во која се плашиш да влезеш го чува богатството кое го бараш" - има изјавено Кембел чија главна идеја зад анализата на бајките, освен истражувачка била и практична - да ги поттикне луѓето да го следат својот „повик" (Follow your bliss). A тоа често значи напуштање на нашата „зона на сигурност", соочување со сопствените стравови и туѓите лошотии, борба.
Која е симболичката пештера во која се плашите да влезете?