Експериментот Тaскеги започнал во 1932, во време кога не постоел познат лек за сифилис, заразна венерична болест. Откако биле ангажирани со ветување за бесплатна медицинска грижа, 600 Афро-Американци од Алабама биле вклучени во проектот чија цел било да го проучи развојот на болеста.
Учесниците биле главно селани кои голем дел од приносите ги давале на сопственикот на земјиштето. Најголем дел од нив никогаш претходно не бил на доктор. Медицинските лица од Јавниот здравствен сервис на САД (PHS), кои ја раководеле студијата, ги информирале 399-те мажи со латентен сифилис и контролна група од 201 други кои не биле болни, дека ќе бидат третирани од „лоша крв“, термин кој вообичаено бил користен во тој регион за опис на најразлични заболувања.
Состојбата на овие мажи била следена, но ним им било давано само плацебо, како аспирин и минерали, и покрај фактот што пеницилинот станал препорачан медикамент за сифилис уште во 1947, деценија и пол пред истражувањето. На локалните доктори им било кажано да не ги третираат учесниците туку истражувањето да се прави исклучиво во Институтот Таскеги (денес Универзитет).
За да го следат развојот на болеста до крај, истражувачите не обезбедиле ефикасна нега, додека мажите умирале, ослепувале или полудувале поради нетретираниот сифилис.
Во средината на 1960-тите, истражувач на венерични болести од истата институција, Питер Бакстон, дознал за студијата и се обратил до своите надредени, барајќи да се испитаат етичките аспекти. Тогаш бил формиран комитет кој на некој начин продолжил со истражувањето, бидејќи ги лоцирал учесниците додека не умрел и последниот од нив, извршил аутопсии и ги анализирал податоците.
До тој момент, 28 учесници веќе починале од сифилис, дополнителни 100 од поврзани компликации, а најмалку 40 нивни партнерки биле дијагностицирани со истата болест, која била пренесена на 19 новороденчиња при пораѓање.
Во 1973 американскиот Конгрес одржал сослушување за експериментот, и следната година преживеаните учесници, заедно со наследниците на оние кои починале, добиле 10 милиони долари отштета. Освен тоа, биле издадени нови насоки за заштита на човечки субјекти во истражувачките проекти финансирани од владата на САД.
Како резултат на ова, голем број Афро-Американци развиле долготрајна и длабока недоверба кон јавното здравство, вакцините и воопшто официјалната медицина. Во 1997 претседателот Бил Клинтон излегол со извинување, нарекувајќи го експериментот „срамно минато“ и најавувајќи отварање на Национален центар за биоетика лоциран токму на Универзитетот Таскеги. Последниот преживеан учесник во експериментот починал во 2004.
Но ова сепак не бил првиот неетички проект врзан со сифилисот. Во 2010 тогашниот претседател Барак Обама се извинил за друг експеримент спонзориран од САД, кој се одвивал во Гватемала од 1946-1948. Во него 700 мажи и жени - затвореници, војници, психијатриски пациенти - биле намерно инфицирани со сифилис без нивно знаење или согласност. Целта било да се одреди дали пеницилинот може да превенира, а не само да лечи сифилис. Некои од заболените никогаш не добиле медицинска грижа. Резултатите, кои биле добиени во соработка со властите на Гватемала, никогаш не биле објавени. И не само тоа - лекарот кој бил одговорен за проектот, доктор Џон Катлер, станал - раководител на експериментите во Таскеги.