„Машкости“ (Masculinities) е нова изложба во лондонски Барбикан, која се занимава со тоа „како машкоста е кодирана, изведувана и социјално конструирана“ во областа на фотографијата и филмот од 1960-тите до денес.
Oд талибански борци, преку холивудски нацисти (Марлон Брандо, Ричард Бартон, Роналд Реган, Клинт Иствуд и Леонард Нимој), до портрети на млади играчи на американски фудбал, таа се состои од дела на над 50 уметници од целиот свет. Поводот е актуелизирањето на идеите за токсичната наспроти ранливата машкост со движењето #MeToo.
Изложбата ги вклучува овие често комплексни и понекогаш контрадикторни претставувања на машкостите (во множина, затоа што концептите се бројни и разновидни) кои се развиле и еволуирале со текот на времето. Темите се моќ, патријархат, квир идентитет, женска перцепција на мажите, хипермаскулизирани стереотипи, нежност и семејство.
Последната тематска целина е претставена преку дела на јапонскиот фотограф Масахиса Фукасе под наслов „Премногу блиску до дома: семејство и татковство“. Таа содржи портрети на неговото пошироко семејство и на неговиот стар татко, а завршува со фотографија на татковите коски по кремирањето.
„Машкости“ се отвори на 20 февруари, а ќе трае до 17 мај 2020. Повеќе за неа на официјалниот сајт на Барбикан.