Како производителите на печки помогнале да се измисли модерниот маркетинг

Во времето пред централното греење и електричната струја, печките биле голем бизнис. Но нивното влијание не се однесува само на затоплувањето и подготвувањето храна.

Историчарот Хауел Џ. Харис пишува дека индустријата на производство на печки била предвесник на феноменот на модерниот маркетинг. Ова го тврди следејќи го развојот на ова поле во 19 век, кога малото производство на печки многу бргу се претворило во масовно.

„Производителите развиле методи на диференцијација на продуктите, започнале да воспоставуваат идентитети на различните брендови, смислувале начини како да стигнат до своите потрошувачи и изградиле сопствени мрежи за директна продажба. И сето тоа во време кога производители на други предмети, особено во сферата на преработката на метал, воопшто не гледале потреба од такво нешто“, вели Харис.

Во тој период печките биле изработувани во топилници и продавани во локални магацини. Но како што почнал да се подобрува транспортот, на почетокот на 1830-тите, производителите почнале да преземаат одговорност за сопствените производи и да отвораат посебни погони само за печки.

Тие патентирале нови карактеристики и создале имиња на модели - голем број од нив. Харис забележува дека неверојатни четири петини од сите патенти за дизајни во 1840-тите, и две третини од оние издадени во 1850-тите, имале врска со печките и нивните карактеристики.

Овие метални чудовишта навлегле во градовите преку железничките пруги и пристаништата, а потоа во тн. „населби на печките“ (каде имало голем број вакви продажни места) и во продавниците. Имало патувачки трговци наречени „барабанџии за печки“ (stove drummers) кои ја покривале целата земја, и продавајќи, но и собирајќи долгови. Патувале со само едно торбиче и со каталози, посетувајќи ги муштериите лично и пренесувајќи ги нивните евентуални критики и сугестии за подобрување на моделите во централите. 

Бумот на печките завршил при крајот на 19 век, но до тогаш коцката веќе била фрлена. И покрај тоа што цените паднале, производителите постигнале „универзална пазарна пенетрација...трансформирајќи ги печките во предмети кои се купувале како потрошувачки стоки, бирани врз основа на нивниот стил, дури и убавина, а не само функционалност“. Стратегиите на трговците со печки се присутни и денес, иако производите се имаат променето. 

извор

7 јули 2023 - 17:20