Како пандемијата ги направи фонтовите по „мили“

Сеизмичките историски настани можат да ја насочат креативноста во нови правци. Допрва ќе се види што ќе изроди актуелната пандемија, но едно е веќе јасно и се однесува на типографијата и фонтовите.

Можеби мислите дека читате зборови кога гледате во знак или во лого. Но начинот на кој тие се напишани може да биде исто толку значаен колку и она што тие го велат - типографијата е визуелен еквивалент на тонот на гласот. Веројатно не би напишале покана за веселба во Тајмс Њу Роман или длабоко извинување во Комик Санс (освен ако баш немате осет или сакате да бидете иронични).

Како што се менува светот, така се менува и она што сакаме да го кажеме. Пандемијата веќе влијае врз типографијата на брендовите. „Чистите“, уредни и функционални фонтови се повлекуваат, а во игра се оние поокруглите, меките и поекспресивните. Трендот почна пред неколку години и го водат компании со свесно одбрани игриви идентитети како Дуолинго и Мејлчимп. Но се очекува дека голем број брендови ќе го следат овој пример под влијание на тензиите и стравовите кои ги покренаа карантините и изолацијата, и дека гравитирањето кон студени геометриски форми ќе биде помасовно заменето со оние по „милите“.

 

Во 2018 истражувачи од Кралскиот институт во Мелбурн сфатиле дека читателите имаат навика да преминуваат преку зборови кои се напишани со познати фонтови, а подобро се концентрирале на читањето кога имало „посакувана тешкотија“.

Така, тие го дизајнирале фонтот Санс Форгетика, кој исклучувал одредени делови од буквите барајќи од мозокот да ги пополни празнините. Тој бил тестиран на студенти и се покажало дека фактите напишани со овој фонт се помнеле повеќе од оние напишани во Ариел.

Каков и да е нивниот ефект на меморијата, ваквите функционални фонтови се на залез. Една од причините е што кога продавниците се затворени, пишуваниот маркетинг материјал станува позначаен (без оглед дали е на флаер или онлајн). Фонтовите мораат да функционираат многу подобро од претходно, но не само во сосема практична, туку и во психолошка смисла. Оттаму полежерните, округли фонтови изгледа ќе останат тренд уште некое време.

извор: Економист (со претплата)

4 јуни 2021 - 17:04