Во 1886 Антоанет Форе, ќерката на идниот француски претседател Феликс Форе, го замолила нејзиниот пријател од детство Марсел Пруст да пополни прашалник во книга под наслов „Исповеди: албум за забележување на мисли, чувства и друго". Нешто како нашите лексикони од основно, ова било тренди игра која потекнувала од викторијанските високи класи, со по едно прашање на страница, како „Која карактеристика најмногу ја цениш?" или „Каде би сакал да живееш?".
Сопственикот на албумот го „шетал" по пријатели и роднини, собирајќи ги нивните коментари како спомени. Иако Пруст имал само 14 години кога го пополнил албумот на Форе, тој одговорил на прашањата токму во прустовски стил. На пример: „Твојата омилена доблест?" - „Сите оние кои не се карактеристични за ниту една секта, универзалните доблести". На навидум баналното прашање „Каде би сакал да живееш?" одговорил со „Во областа на идеалното, или на моето идеално". Неговата идеја за „несреќа" била да биде одвоен од мајка му, а најмногу имал толеранција за „приватните животи на генијалците" (другите негови одговори тука)
Како што се гледа на фотографијата од ракописот горе, младиот Пруст ги напишал своите одговори на француски, иако албумот бил печатен во Англија. Кога имал 20 години тој пополнил и втор прашалник, овој пат француски. Тој секако не бил единствениот кој учествувал во ваков ритуал. Во 1865 Карл Маркс признал дека ја смета за своја главна карактеристика „единственоста на целта", а неговата омилена забава била „читање книги". Пет години подоцна Оскар Вајлд напишал во албум наречен „Ментални фотографии, албум за исповеди на вкусови, навики и убедувања" дека неговата посебна карактеристика е „необична самодоверба". Артур Конан Дојл, Стефан Маларме и Пол Сезан исто така пополниле вакви „формулари". Сепак, како што заклучува Њујоркер, ниту еден немал такво влијание како оној Прустовиот.
Две години по смртта на Пруст, во 1924, кога синот на Антоанет Форе, психоаналитичарот Андре Берж го открил албумот на мајка си, и ја објавил страницата на Пруст во француското книжевно списание Les Cahiers du Mois (Месечни тетратки), нудејќи краток придружен психоаналитички текст, кој (нормално) се концентрирал на врската меѓу Пруст и мајка му.
Така Берж станал првиот кој го промовирал она што подоцна ќе стане познато како „Прустов прашалник". До 1950-тите во француските весници почнале да се појавуваат различни верзии на прашалникот, вообичаено упатени до писатели и други интелектуалци. Германците почнале да помовираат нивна верзија во 1980-тите, исто како и Англичаните. Во 1993 американскиот Венити Фер ја воведува редовната рубрика, од која имаме пренесено неколку прашалници. Наскоро се појавуваат и телевизиски верзии.
Во секои од овие контексти да се одговори на Прустовиот прашалник значело чест, интерес за личноста зад уметноста, актерството или политиката. Што мислел самиот Пруст за феноменот кој несакајќи го инспирирал? Одговорот можеби е во цитат од Шарл Августин Сент-Бев вклучен во незавршено дело на Пруст:
„Ако некој не го праша авторот одреден број прашања и не добие одговори на нив, не може да биде сигурен дека има целосен впечаток за него, иако овие прашања можат да изгледаат како многу оддалечени од природата на неговите текстови. Кои се неговите религиски погледи? Како реагира на пејсаж од природата? Какви му се ставовите кон жените, кон парите? Дали е богат, сиромашен? Кои се неговите маани и слабости? Ниту еден од одговорите на овие прашања не е нерелевантен во просудувањето на авторот на некоја книга, или на самата книга."