Луѓето научиле да пливаат во предисторија, иако точното определување кога се случило тоа е тема на дискусија, особено помеѓу палеоантрополозите и следбениците на Елејн Морган (1920-2013), која ја промовираше тезата за акватскиот мајмун, водена фаза во текот на еволуцијата на хоминидите пред помеѓу 7 и 4.3 милиони години. Иако можеби никогаш не сме имале акватски предок, сепак постојат доволно докази за пливачките способности на претставници на Хомо еректус, кој се појавил пред 1.8 милиони години. Во овој историски период, митовите на древните цивилизација на источниот Медитеран сведочат за позитивна врска со водата и пливањето, преку пантеон акватски богови, нимфи и други натприродни водни суштества.
До средовековниот период мнозинството Европејци чиј живот не зависел од стопански гранки поврзани со водата, имале заборавено да пливаат. Водните површини станале злокобни светови населени од сирени и морски чудовишта. Зошто луѓето напуштиле една толку важна активност како пливањето, преку која можеле да дојдат до храна и да се спасат од давење?
Пливањето било „заборавено“ во текот на доцната антика, барем според римскиот автор Вегетиус, кој во своите списи се жалел дека за разлика од добро обучените легионери на Републиката, „чијашто единствена бања била реката Тибар“, регрутите од неговото време се навикнале на луксузот на бањите и морале да бидат специјално обучувани да пливаат. Римските бањи имале плитки базени, но тие биле повеќе за седење отколку за пливање. Во 33-тата пне во Рим имало 170 бањи, до доцниот четврти век бројката пораснала на 856.
Градењето мостови и транспортната инфрастрктура, како и промените во земјоделието, ја намалиле зависноста од акватските ресурси, а тоа значело дека сè помалку луѓе требало да знаат да пливаат. Пливачките вештини на германските народи ги импресионирале Римјаните во петиот век. Па сепак, со текот на столетијата, како што станувале „латинизирани“ и урбанизирани, и тие ги прифатиле римските обичаи на одење на бања, до моментот кога заборавиле да пливаат.
По прифаќањето на христијанството и напуштањето на паганските култови, и пантеонот на акватските божества биле демонизирани а потоа брзо заборавени. Преживеани се митови, приказни и легенди, кои ги содржат ваквите ликови или асоцијација на нив, како „Малата сирена“ на Ханс Кристијан Андерсен, хибрид помеѓу девојка и риба, чијашто морална двозначност Андерсен ја ископирал од средовековните традиции - тие некогаш се заљубувале во женети смртници, претставувајќи им се како човечки суштества, а понекогаш се претворале во чудовишта кои ги воделе морнарите во сигурна смрт. Во текот на средниот век сирената ја симболизирала двосмислената врска со водата, особено на морепловците и рибарите од крајбрежните култури, кои најдобро знаеле дека водата може да биде и извор на живот, но и смртна опасност.
Францускиот историчар Жил Мишле го опишал Средниот век како „илјада години без бањање“. Но повеќе се работи за 1500 години без пливање. Додека кралевите на Версај смрделе заради отсуство на хигиенски навики, единствен сигнал за враќање кон водата било медицинското капење, кое во 17 век додуша се правело во целосна облека, корсети, па дури и носејќи шапки.
Враќањето на пливањето во Западна Европа било многу бавен процес кој почнал во 16 век. А тоа, меѓу другото се гледа преку бројката на удавени во Европа. Но наместо на ова да се реагира со пливачко образование, во 1530-та германските училишта и универзитети дошле до генијална идеја - целосна забрана на пливањето, кое во Инголштад на Дунав било казниво со камшикување на УДАВЕНИОТ сторител, пред тој да биде погребан. Истото се случувало и во Кембриџ, каде освен со камшикување можело да се помине и со казна од десет шилинзи.
Според Ерик Шалин и неговата книга „Генијален замав: историја на пливањето“ (2017), подемот на пливањето почнал во Англија, каде во крајбрежниот град Скарборо во 1667 доктор Роберт Вити почнал да препорачува капење во морска вода за лекување на разни болести. Ова се поклопило со внесувањето образовни реформи за време на Просветителството, кога филозофи како Џон Лок или Жан-Жак Русо промовирале физичка активност за секое добро воспитано и здраво дете. Наскоро вакви програми, кои вклучувале пливање, биле воведени во јавни училишта во Англија и Германија, каде биле објавувани книги како „Малиот прирачник за уметноста на пливањето“ кој промовирал капење во студена вода, по можност речна, и тоа во нешто што веројатно личело на првиот костим за капење.
Масовното пливање конечно се случило во 19 век, со развојот на железничкиот сообраќај, кога населението од градовите добило пристап до морските и езерските одмаралишта. Денес милијарди луѓе пливаат заради фитнес и уживање, но и заради натпревар. Можеби во човечкото минато немало акватски мајмуни, но сигурно во иднина ќе има акватски луѓе.