Коментаторка на британскиот „Спектатор“ тврди дека пандемијата влијаела врз релативизација на квалитетот на уметничките производи; депрофесионализацијата и опаѓањето на новинарството; паралелниот подем на маркетингот и стравот од негативни реакции на социјалните мрежи, кои станаа главните арбитри за тоа дали нешто е квалитетно или не.
Ова особено се однесува на филмската уметност, која подразбира здравствени рестрикции и при снимањето, но и при гледањето на готовиот производ. Од таму и по „нежните“ критики во текот на пандемијата, кои го имаат ова предвид, па се случува новиот филм за Џејмс Бонд во Британија да добие цели пет ѕвездички, небаре е кинематографско ремек дело. Всушност, неговиот наслов („Не е време за умирање“) повеќе се однесува на филмската индустрија, отколку на самиот филм. Ако тој е за пет ѕвездички, колку заслужува „Граѓанинот Кејн“? Сто?
Ако не мразиш, не можеш ни вистински да сакаш - ова значи дека без неколкумина независни критичари, кои ќе судат во опсег кој е навистина од нула до пет ѕвездички, светот на критиката станува само обично рекламирање и одржување во живот на одредени индустрии кои во моментов се во ризик.
Ресторантските критичари не се нешто подобри и се обидуваат „да го нагласат позитивното“ во текот на пандемијата, со оглед на ситуацијата во која се најде оваа стопанска гранка. Па сепак, без оглед на областа, спуштањето на критериумот и промената на дискурсот на критиката - нејзиното станување посрамежлива и самата повеќе желна за љубов - може да има долгорочни последици, кои ќе се прекршат пред сè врз гледачот, читателот и ресторантскиот гостин, а не толку врз соодветните индустрии.