За американскиот писател со нигеријско потекло, Тежу Кол, сме пишувале и претходно, оддавајќи му признание за начинот на којшто го користи Твитер за интересни проекти. Најновиот се случуваше за време на финалето на Светското првенство.
Во 2010 ФИФА тврдеше дека 900 милиони луѓе гледале барем една минута од финалето на Мундијалот, а оваа година бројката се искачи на 1 милијарда. Без оглед на точната статистика, јасно е дека во текот на тие 90 минути огромен број луѓе ги гледале истите слики, доживувале некакви емоции, едноставно посветиле дел од нивните животи на пренос на некаков настан од глобално значење.
Писателот Кол и дизајнерот Џер Торп, со помош на уметникот Марио Клингеман, создадоа нешто што се вика „Време на играта", синхронизиран глобален преглед на Светското првенство. Страницата е всушност агрегатор на фотографии кои му биле испратени на Кол од неговите 160,000 твитер следбеници, со назнака каде и во која минута од финалето се сликани, под хаштагот #thetimeofthegame. Проектот почнал пробно за време на полуфиналните натпревари, но главната цел било токму финалето.
Резултатот е еден брз, хронолошки видео колаж од фотографии, низ кои Кол сака уште еднаш да ја промовира идејата на интернационализмот и антирасизмот. Кога е во прашање фудбалот, во основа тоа се куп странци во шорцеви кои трчаат по трева во Бразил. Но јазикот на фудбалот е сосема разбирлив и за млада жена од Џакарта, и за старец во Џеда, и за некого во Мексико, а пак тој е достапен преку дигиталната технологија симултано, во различни временски зони. Истовремено се преплетуваат неколку демократии: онаа на фудбалот, на екранот, на камерата, на Твитер и (главно) на англискиот јазик.
„Ниту една од овие работи не му се пристапни баш секому, но секоја поединечно е доволно масивна за онаму каде тие се преклопуваат да има голема и многу различна популација. Токму овој елемент создава и чувство на заедништво и на тн. „јавно време", кое е хронолошки еквивалент на „јавниот простор".
Ова не е прв пат тој да започнува твитер проекти со некаква хумана или естетска мисија - пролетта тој ги замоли неговите следбеници да испраќаат слики од дрвја во цут во нивниот регион, нарекувајќи ги „Меѓународни цветоиспраќачи". На шега тој за фудбалскиот проект изјавил дека претставувал „израз на неговата внатрешна Јоко Оно".
Видеото тука