Има фонетски записи кои кореспондираат со звукот на кажаното. Има пиктограми, идеограми, хиероглифи, кои се симболи а не букви. Но начинот на „пишување“ на Инките не спаѓа во ништо од сето ова. Се вика кипу и е начин на регистрирање кој се базира на - врзување јазли.
„Кипу“, долго време бил толкуван на ниво на нашиот „рабуш“, начин на „книговодствено работење“ кое служи за пресметување и запишување главно на бројки (на пример на долгови). Но во текст објавен во септемврискиот број на New Scientist се нуди ново објаснување, кое е пошироко - дека ова било начин на запишување на сета историја на Инките.
За нивната култура знаеме дека била софистицирана и технолошки развиена. На врвот на својот развој во 15 век империјата на Инките била најголемата во Америките, простирајќи се од модерен Еквадор до Чиле. Ова се луѓето кои го имаат изградено Мачу Пичу. Па сепак до скоро се сметаше дека тие биле неписмени, барем според западни аршини.
Сега, еден студент по економија на Харвард, Мани Медрано, кој ги проучува предколумбиските култури, успеал да ги декодира пораките оставени на плетени јажиња. Тоа го сторил споредувајќи шест „кипу“ со шпански колонијални пописни документи. И го потврдил она што истражувачите долго време го претпоставуваа, дека јазлите во себе содржат не само бројки туку и подетални административни податоци.
„Кодот“ се базира на одреден начин на врзување кој кореспондира со општествениот статус, во случајот на 132 луѓе кои се вклучени во пописниот документ. Бојата пак на јажињата е поврзана со нивните имиња. Овие „досиеа“ во времето на Инките ги правеле и чувале посебни писари, наречени кипумајук или „чувари на кипу-то“, специјално обучена каста, која за жал била убиена од колонијалистите пред да може да го пренесе знаењето на следните генерации.
Во ова видео е објаснета приказната за јажињата на Инките
А ова е курс за „кодирање“ (прв дел) преку кој можете да научите како самите да ги врзувате јазлите. Веќе го замисливме следниот попис во земјата - секој од попишувачите со по едно „разбојче“, од врата до врата