Сè си беше во ред со ракијата сè додека не ја донесов дома - кога ја отворив торбата книгите пливаа во алкохол. Ги сушев на радијатор (труеше цела куќа), а страниците нормално се извиткаа. Како утеха си рековме дека ете, сега мислите во нив се барем „дезинфицирани“ и неопасни. Но најсмешно беше кога сфативме како се вика една од нив - „Поглавникова бактерија".
За физичката валканост на книгите веќе пишувавме во контекст на токсиколошки и бактериолошки испитувања во градската библиотека во Антверп. Тогаш на испитаните примероци „50 нијанси сиво" беа најдени траги од херпес, а на други траги од - кокаин.
Сè што се допира со раце од разни луѓе, како во случајов книги по книжарници и библиотеки, е легло на нечистотии и бактерии. Колку точно оваа „духовна храна" е загадена за научниците било интересно уште на почетокот на минатиот век. Така во билтенот на Медицинското библиотечно здружение од 1911, во текст под наслов „Дезинфекција на книги", се вели:
„Книгите се соодветни за пренесување ситни сипаници, црвена треска, дифтерија, дезинтерија, тифус, туберклоза и други заразни болести. Колку што знаеме не се спроведува задоволителен метод за дезинфекција на книги во земјата. Книгите особено ги користат болни луѓе додека закрепнуваат, па оттаму и опасност од контаминација. Исто така, навика на голем број луѓе е да си ги лижат прстите додека ги вртат страниците"
Еден од колегите на авторот на овој текст отишол до таму што зел масовно користени книги од локалната библиотека, ги исекол највалканите делови (за наука де), ги потопил во солена вода а потоа таа валканица ја вбризгал во експериментални заморчиња.
Греотичкиве не го издржале книжевниот тест. Во текот на неколку вакви грозни експерименти десетици умреле од туберклоза, сепса и стрептококни инфекции.
Добрата вест е дека вакво малтретирање на луѓе колку што знаеме до сега не е спроведено. Дури и гушкање (и бацување, ако баш сте запнале) на вашата омилена книга нема да ве убие. Прашањево оваа година очигледно беше прилично актуелно, штом нему му беше посветен детален текст во The Wall Street Journal. Актуелноста всушност се должеше на епизода од „Портокаловото е ново црно", серијата која се одвива во американски затвор, во која заради креветски болви затворската библиотека ги изгоре сите книги. Експертите мораа да ја смируваат ситуацијата, за на библиотекарите да не им текне да направат нешто такво во реалниот живот.
А дека има откачени што сакаат книгите да им се дезинфицирани, има, штом постои таков производ (види слика). На форумите каде се дискутира ова важно прашање се препорачува и домашен раствор од бел оцет и вода. Ним не им текнало на ракија.