Книгата се вика „Од колепка до сцена: приказни на мајките кои ги нишале и пораснале рок ѕвездите“ и претставува делумно исповед, делумно обид за регистрирање на искуствата на оние во сенка на нивните славни потомци за кои понекогаш забораваме дека имаат мајки и татковци кои ги изгледале „од ронка месо“. Пишувајќи ја, Вирџинија Грол се сретнала и разговарала со мајките на Фарел Вилијам, Ејми Вајнхаус, Доктор Дре, Мајк Ди од Бисти бојс и уште десетина други. Секоја од нив има различна приказна, па сепак тоа што нивните деца се изложени на поспецифични работни услови од оние на шалтерски службеник од нив прави некакво солидарно „сестринство“.
Освен што нуди биографски и автобиографски податоци, мајката на Дејв, инаку по професија (строга) учителка, го коментира и формалното образование, кое според неа не им дава опции на децата кои се креативни и полни енергија како нејзиниот син, и како повеќето од оние кои станале рок ѕвезди. Во раните тинејџерски години животот на Дејв бил полн бељи и компликации - не сакал да оди во школо, па казни, па пак неодење во школо. Првиот бенд во средно школо се вика Dain Bramage, а еднаш свиреле во дом за стари пеејќи ја „Времето е на твоја страна“. Постојано „дувал“, и таков одел и на школо, не знаејќи што се случува на часовите. Следеле мохавк фризури, тетоважи, група под име „Врисок“, а три години подоцна и „Нирвана“, на чии турнеи понекогаш одела и мајката.
Но за целото тоа време ретко се среќавала други рок мајки со кои би можела да ги сподели маките и радоста. Откако се сретнала со нив сфатила дека имаат нешто заедничко - и таа како и тие не можеле да сфатат што е толку привлечно во музиката што ја прават нивните деца, сè додека не присуствувале на нивен концерт на кој толпата, како „торнадо на млади љубители на хаос“, ги заразила со својот ентузијазам.
Всушност, најголемите стравови на овие мајки не биле „сивите денови“, кога младите членови на бендот или непознатите пејачи оделе од град до град со пари колку за хот-дог, туку следниот чекор, каде настапуваат парите и славата. Со малку „незгодно“, Вирџинија признава дека еден од нејзините најголеми стравови во однос на детето биле жените, особено тоа дека „ќе го грабне Мадона“. За разлика од неа, мајките на Курт Кобејн и на Ејми Вајнхаус морале да се борат со пострашни демони.