Како Џорџ Харисон ги спасил Монти Пајтон

Да не бил Харисон антологискиот филм на пајтоновци „Житието на Брајан“ сега немаше да слави 40 години од премиерата. И не само тоа, немаше да постојат и уште куп антологиски британски филмови од 1980-тите.

Во 1978, токму во моментот кога требало да почнат подготовките за снимањето на „Житието на Брајан“ (Life of Brian), директорот на ЕМИ, лорд Делфонт, зел да го чита сценариото кое го купила неговата компанија. Се извадил од памет од неговата „бласфемичност“, и итно ја запрел целата постапка. Пајтоновци морале брзо да најдат 2.5 милиони долари за проектот да не згасне.

Ерик Ајдл му се јавил на најбогатиот човек кого го познавал - Џорџ Харисон. Овој пак се консултирал со својот американски бизнис менаџер, Денис О’Брајен, кој му сугерирал самите да го финансираат филмот. Единствениот непријатен детал било што морале да ја стават под хипотека вилата на Харисон во Хенли-на-Темза, како и лондонските канцеларии на О’Брајен. Подоцна битлсот го нарекол проектот „најскапиот билет за кино на сите времиња“. Но толку му се допаѓал хуморот на пајтоновци, што едноставно немал друг начин да погледне нивен нов филм.

Така била формирана компанијата Хендмејд филмс, за која пролетва беше снимен документарец под наслов „Случајното студио“. Тоа навистина можеби било создадено набрзина и случајно, но потоа од него произлегле неколку класици на британската кинематографија, меѓу кои „Животот на Брајан“, „Мона Лиза“ и „Витнејл и јас“, односно речиси сето она вредно што било снимено во Британија во 1980-тите.

Приказната за Хендмејд е всушност љубовна, и зад неа стои големата љубов на Харисон кон Монти Пајтон. По емитувањето на првата епизода на „Летечкиот циркус“ во 1969, Џорџ испратил писмо на екипата преку Би-би-си (за кое Мајкл Палин подоцна изјавил дека никогаш не го добиле), во кое напишал дека палавиот дух на Битлси очигледно се преселил кај пајтоновците. Истовремено бил подготвен да помогне на креативни проекти дури и во тоа да немало комерцијална смисла, па оттаму Хендмејд промовирал дебитанти-режисери и непознати актери, и на тој начин спасил филмови кои другите студија ги одбивале. Дури и антологискиот „Мона Лиза“ (со Боб Хоскинс) бил претходно одбиен од ЕМИ.

Тајната била во позитивниот став на Харисон, но и неговата „десна рака“, Реј Купер, најпознат како рок перкусионист, но како што излегло и исклучително талентиран читач на сценарија и решавач на проблеми, кои му ја донеле позицијата на креативен директор на компанијата. А една од најбитните задачи му била да балансира помеѓу откачените идеи на Харисон и бизнис интересите на неговиот менаџер и со-инвеститор.

По раните успеси, бродот почнал да тоне, Хендмејд почнала да губи пари, а Харисон да губи верба. Сепак, во десетте години постоење студиото произвело oдлични филмови, од кои секако, најмногу се памти Брајан и неговото житие. Како благодарност, пајтоновци го вклучиле во една од сцените - забележете го човекот лево, со црвената шамија.

 

6 јули 2019 - 14:24