На македонски веројатно би напишале „бац“ или „цмок“. На англиски „муах“, или Х како ознака за бакнеж, која барем некогаш се ставаше на крај од рачно пишуваните писма. На тајладски е „чуп“, на германски „шмац“, на малајски „ума“, на јапонски „чу“. И кој би рекол дека би можеле да се јават толку големи разлики во транскрипција на нешто што на сите уши би требало да им звучи ономатопејски исто.
Сепак, има два заеднички елемента во зборови за бакнежи во повеќе јазици. Прво, зборот би требало да се изговара со пристискање на усните (значи со м, п, б) што имитира вистински бакнеж. Дополнително, или како контраст, може да има остар, „бучен“ звук (ч, ц, к) кој асоцира на оној вакуумски „клик“ кога споените усни (на бакнежодавачот и бакнежопримачот) ќе се одвојат.
Со зборови на лингвисти, звукот на бакнеж е сличен на „билабијален клик“, односно таков внес на воздух кој е причинет од притисок кој се создава во устата поради дејство на јазикот (читај: шмукање), по кој следи „пукот“ кога притисокот ќе се ослободи, како отворање на шампањ. Меѓународната фонетска азбука, стандардот за претставување звуци од говорните јазици од светот, има симбол за ова - ʘ. Постои и видео за неговиот изговор. Но наместо да се мачите да го имитирате, подобро е некого да бакнете и самото да ви се каже.
Види претходно: Ономатопеи на различни јазици