Како да се популаризираат класичните јазици и знаењето за антиката?

Учењето латински и старогрчки младите главно не го доживуваат како нешто толку „кул“ колку да се зборува јутјуберски англиски. Но ова може да се промени ако се има вистинскиот пристап, а зголемувањето на бројот на интернет содржини на македонски од оваа област е еден од начините.

„Хермес – средношколски водич низ антиката“ е проект реализиран од Здружението на класични филолози „Антика“ и гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Скопје во 2019, а сега продолжен со изработка на веб-сајт hermes.org.mk кој треба да овозможи одржливост и континуитет на содржините.

Целта е да се влијае на доживувањето на антиката и културното наследство кај младите, но и да се осовремени начинот на кој се предава за нив во средните училишта и гимназиите.

Сајтот ги има следниве категории:

- ОБУКА, што содржи презентации, текстови и илустрации со дидактички насоки и можности за обработка на теми поврзани со античкото културно наследство;

- НАСТАВА, поделена на три предмети – латински јазик, старогрчки јазик и класичната култура во европската цивилизација, во кои се поставени презентации и видео материјали со обработка на конкретни содржини од предметните планови на овие предмети, а се изработени од наставници во повеќе училишта;

- РЕЧНИЦИ, ГРАМАТИКИ И ПРИРАЧНИЦИ содржи триесетина учебни помагала во ПДФ, а кои се тешко достапни во печатена форма, што можат да ги ползуваат и наставниците, но и учениците;

- УЧЕБНИЦИ И КНИГИ се состои од дваесетина ПДФ документи со иста намена;

- ПРЕВОДИ е особено полезна листа со сите објавени преводи на македонски јазик на дела напишани на латински и старогрчки јазик од античката класична, средновековна и нововековна книжевност. Во план е во иднина библиографските единици од листата да станат линкови на кои ќе се отвораат интегралните преводи (на оние автори на преводи што ќе се согласат или кадешто не се спорни авторските права);

- УЧЕНИЧКИ ПРИЛОЗИ е локација кадешто можат да се погледнат трудови во форма на презентации изработни од ученици во гимназиите, но и во средните стручни училишта во нашата земја;

- АРГО и КЛАСИЧНИ СТУДИИ НА ФЕЈСБУК се всушност линкови до групи на социјалните мрежи со интересни содржини поврзани со антиката, античкото културно наследство, рецепцијата на истото и сл., а се истовремено и полезни за учениците.

Најдинамичен дел е „Арго“, каде се објавува цитат на денот (на пример по повод св. Трифун - Во виното е вистината, а во водата здравиот разум“), се објаснуваат често користени фрази како Deus ex machina или поезија инспирирана од античките божества. И името на сајтот е соодветно одбран - Хермес, како гласник на боговите и пренесувач на пораки. Во случајов во дигитална и достапна форма за младите и сите заинтересирани.

18 февруари 2021 - 10:14