Совршена хармонија: математичари кои се истовремено и музичари

Разоткривајќи ги необичните врски помеѓу нотите и бројките, музичката перцепција, психологијата и физиката, нова книга ја истражува фасцинантната наука зад музиката - која додуша не мора да ја знаете за да уживате во неа. Или за да ја создавате.

Научниците и филозофите одамна се фасцинирани од тоа што природата функционира преку математички обрасци. Универзумот може да се сфати како оперативен систем кој работи според математички закони. Oва го користи Дејвид Дарлинг во нова книга (август 2025) под наслов „Совршена хармонија: музика, математика и наука“, во која нагласува дека математиката, уметноста и природата не се одвоени светови, туку дека тие заеднички ја ткаат структура на стварноста.

Дарлинг е астроном и музички продуцент од Шкотска, кој долги години пишува научно-популарни книги за деца и возрасни. Во оваа, најновата, тој ја истражува врската помеѓу тројството на музиката, математиката и науката, која е со нас уште од мугрите на цивилизацијата. Тоновите произведени од неандерталските инструменти, направени од коски на пештерски мечки, се совпаѓаат со четирите ноти на скалата која најчесто ја користиме денес. Во Месопотамија музиката служела и за лекување, а кај античките Грци, Питагора покажал дека хармонијата произлегува од едноставни соодноси на броеви. Оваа идеја за „хармонија на сферите“ преживеала со векови: се замислувало дека планетите создаваат безгласна космичка музика, водени од совршени пропорции. 

Но оваа традиција не застанала во минатото. И во неодамнешната историја, а и во современоста, има примери на личности кои ја остваруваат оваа врска меѓу музика и математика.

Том Лерер, кој почина пред еден месец на 97 години, бил професор по математика на Харвард, но станал и култен кантавтор на сатирични песни што се базираат на интелектуални игри со зборови и бројки. Неговите песни, кои доживеале голема популарност, бидејќи биле изведувани во облик на музички театар, често биле политички и социјално ангажирани. Сепак, ако ги изгуглате неговите песни, најпопуларна, особено помеѓу оние кои изучуваат природни науки, е неговата песна „Елементи“, во која во брз ритам ги реди сите хемиски елементи од периодниот систем.

Еуџенија Ченг, Британка по потекло од Хонг Конг, е математичарка која специјализира во областа на теории на категории од повисок ред (во превод - прилично апстрактна алгебра). Таа е посветена на објаснување математика на нематематичари, како борба против „фобијата од математика“. Често користи аналогии со храна и печење лебови, како во нејзината книга „Како да испечеш пи“ (2015), во која секое поглавје почнува со рецепт за десерт, како илустрација на методите и принципите на математиката. Истовремено, таа е концертна пијанистка која најчесто настапува со вокална придружба. Има отворено клуб за уживање во класичната музика во Чикаго, во интимна и неформална атмосфера.  

Карибу (Дан Снеит) е нарекуван „најпаметниот човек во психоделичната денс музика“. Неговиот татко бил професор по математика кој го поттикнал да почне да зема часови по пијано како дете. Ова на почетокот не му се допаѓало, се до моментот кога неговиот професор му препорачал да слуша „прог рок“. Наскоро почнал да се занимава посериозно со електронска музика, а денес има 11 студиски албуми и има настапувано под имињата Карибу, Манитоба и Дафне. Во меѓувреме стекнал докторат по математика од Империјалниот колеџ во Лондон. 

Ова се само мал број примери од многу повеќе на математичари кои го користат своето знаење од оваа област во својата музика. Тие покажуваат дека музиката и математиката не се само две паралелни дисциплини. Тие се две страни на истиот креативен процес: едната дава структура и форма, другата емоција и звук.

25 август 2025 - 17:45