Елис Меј Вилијамс и Џесмин Џонсон од колеџот Голдсмит во Лондон ги проучувале гестовите кои најчесто ги правеле при јавен настап професорите, говорниците и истражувачите на нивниот факултет. Резултатите ги имаат објавено на блогот „Речник на гестови за критичка дискусија", каде најчесто забележаните движења со рацете се претставени преку подвижна сликичка, интересно име („Критички вртлог", „Италијански келнер", „Разгибан академски мускул" итн.) и детален опис на потребните движења.
Гестовите кои ги вклучуваат обете раце најчесто ги правеле најизвиканите професори, но еден од нив, таканаречениот „Дијалектика" бил популарен кај сите. Тоа според истражувачите е „несвесен потег кој вели сфатете ме сериозно'". При овој гест раката се крева, а прстите се движат како да вртат невидлив прекинувач.
Вилијамс и Џонсон направиле и неколку производи за оние кои сметаат дека овие гестови ќе ги направат интелектуалци - од подметнувачи за чаши, крпи, до лењир на кој се менуваат гестовите како сликички. Нам пак ни е омилен овој гест, кој во наш контекст е знак дека се инсистира на нешто „црно на бело“. Што е, нели, интелектуален предизвик пар екселанс.