Како Буда го добил своето лице?

Неговата слика е толку вообичаена, онака спокоjно седнат во лотус поза, што изгледа како таа да постоела отсекогаш. Но цели шест векови по неговата смрт, Буда не бил прикажуван во човечка форма, туку само преку симболи.

Отпечатоци од стапала, Боди или дрвото на мудроста под кое доживеал просветлување, чадор за сонце како симбол на благородништво и духовност. Сите овие биле свети симболи на Буда пред тој да го добие ликот по кој денес го препознаваме.

Гаутама, за кого се верува дека се родил во петиот век п.н.е. живеел и подучувал целиот свој осумдесетгодишен живот. Клучен е зборот „подучувал“, а не проповедал, бидејќи раните будисти во него гледале не божество, туку голем учител. Но раниот будизам истовремено бил ненаклонет кон уметноста, на која се гледало како дел од физичките луксузи, нешто што е излишно за секој што тргнал по духовниот пат. Небудистичката уметност од тоа време, со своите култови кон природата, на многу начини била во спротивност со будистичките доктрини. Ако првата била полна со орнаменти и бои, втората се карактеризирала со спартанска едноставност. „Ступата“, на пример, полутопчестата архитектонска форма на будистичките објекти кои во себе содржат свети предмети (како мошти на будистички монаси) се смета дека всушност е симбол на седнатиот Буда, а шилестиот врв го претставува самото просветлување.

Приказната за тоа како сликата на Буда конечно се појавила во светот по 600 години симболизам се смета за една од најинтересните во историјата на уметноста. Поврзана е со подемот на нова династија во Индија, која неоптоварена од конвенциите на минатото, ја „ослободила“ сликата на Буда. Станува збор за Кушаните, потомци на номадски сточари кои се појавиле од источните степи околу вториот век пред наша ера.

Под нивно владеење почнала да се појавува нова форма на будизам, познат како махајана, кој се ширел со помош на трговските патишта контролирани од Кушанитe, длабоко кон исток, кон Кина, па дури до Кореја и Јапонија. На тој пат чисто локалните култови и религии почнале да се претопуваат во нешто поголемо, а будизмот, со својата широко разбирлива медитација врз човечката состојба ја овозможил таа универзализација. Не е ни чудно што Буда се појавил во исто време како Хераклит во Грција и Лао Це во Кина, во епоха на културна експанзија и на запад и на исток.

Така, една од најраните визуелни претстави на Буда во човечка форма се наоѓа на монети на претставник на спомнатата династија, кралот Канишка, кој владеел во вториот век од нашата ера. Оваа, и физичките претстави кои следеле, помогнале идеологијата на будизмот да се трансформира во религија и да се прошири, прилагодувајќи се на локалните услови во земјите каде таа навлегувалa. Во сите нив - Камбоџа, Кореја, Индонезија, Непал - сликата на Буда станала симбол на континуитет, исто како што сликата на Исус на крстот обединува, и покрај различните варијанти на христијанство. За време на овој крал се зголемил и бројот на будистички манастири и ступи, се одржала голема будистичка конференција во Кашмир, а биле преведени и голем број будистички текстови на санскрит.

Сепак, и тогаш, а и денес, светите претстави на Буда не се замислени да служат за естетско задоволство на гледачот, туку би требало да бидат визуелни алатки за медитација и самореализација. Па дури и ако се наоѓаат на корица на наводни прирачници за самопомош, чаеви за слабеење или миризливи стапчиња.

Детален текст на темата тука

11 мај 2020 - 21:00