Дали модернизирајќи ги филозофите и писателите од минатото, и разводенувајќи ги нивните теории во формат на прирачник за самопомош, авторите на ваквите книги им прават услуга? Или тоа си го прават единствено на самите себе, зголемувајќи ги шансите за продажба на своите книги кои не се оние кои тие сакале да ги напишат, туку единствените што можеле да им бидат објавени?
Во 1997 Алан де Ботон ја објави „Како Пруст може да ви го промени животот“, што покрена бран наслови од типот, „Како Х може да ви го промени животот“. Како и со секој тренд, и во овој има книги кои не успеваат да го исполнат најавеното ветување за спас. Но во случајот на книгата на Едит Хол, „Патот на Аристотел: како древната мудрост може да ви го промени животот“, делата на Аристотел, особено „Никомаховата етика“, даваат добра основа за совети за најдобриот начин да се живее, кои не се духовен еквивалент на вежбање фитнес само колку за селфи.
Едит Хол, професорка по старогрчка книжевност и културна историја на Кингс колеџ во Лондон, ги истражува ставовите на Аристотел за доблеста, работата, пријателството и природата, за Бог и за добрата смрт, и тврди дека неговите ставови се практични, разумни, отпорни на наметнување ригидни шеми кога станува збор за толкување на светот и применливи во нашиов модерен свет. Таа оди до таму што ги брани дури и неговите, од денешна перспектива, проблематични ставови за жените (како дефектни верзии на мажите) и за корисноста на робовладетелството, за кои вели дека да бил жив „ќе покажел спремност да биде убеден во спротивното“.
Книгата изобилува со примери од популарната култура и од животот на самата авторка, каде Аристотел се покажал применлив, но го поставува и прашањето како тој самиот би реагирал во некои современи ситуации - на пример како би организирал денес вечера со незгодни гости од интелектуалната елита (како што тоа го правел некогаш) или каков совет би му дал некому за пишување си-ви.
Од една страна е малку жално што вистински познавачи на филозофијата и древната култура мораат да го спуштат тонот за да успеат да се „продадат“ во издавачкиот свет. Од друга, некој што никогаш не би му текнало да чита за Аристотел сега би можел да го има на радар.