Во 2012 Дежуловиќ во Слободна Далмација, кадешто до скоро имаше редовна рубрика, објави текст под наслов „За нив е подобро Бог да не постои", посветен на сплитскиот геј прајд и неговите противници (за текстот тогаш пишувавме тука, а целиот во оригинал тука). Неговиот гнев додуша не беше насочен кон ставот на овие сплитски „интелектуалци" кон парадата, туку кон нивната глупа но крајно опасна логика, според која една убиена девојка била индиректна жртва на парадата, затоа што во клучен момент од потрагата заради собирот наводно биле повлечени илјадници полицајци.
„Колкава човечка гнида треба да бидеш, и колку треба да ти биде поган јазикот, за да го кажеш тоа", напиша тогаш Дежуловиќ, наведувајќи ги по име и презиме луѓето кои стоеа зад ваквата изјава. Тогаш тие му се заканија со приватна тужба, но потоа го тужеа весникот. Деновиве (значи три години подоцна) судот донесе пресуда против Слободна Далмација, според која таа треба да плати по 15.000 куни (2000 евра) на десетемина тужители заради навреда, кои во текстот се опишани како „најголем природен непријател на човечката интелигенција". Тоа, според есапот на судот, е само една од вкупно 15-те навреди содржани во текстот кој се состои од 34 реченици.
По пресудата Слободна Далмација ја прекина соработката со Дежуловиќ, а порталот Tacno.net покрена акција „Го потпишуваме текстот на Дежуловиќ", петиција којашто до сега ја потпишаа голем број негови колеги, новинари, писатели и познати личности, не само од Хрватска туку и од регионот. Истовремено, Јурица Павичиќ и Анте Томиќ, кои како и Дежуловиќ до сега пишуваа колумни за Слободна Далмација, во знак на солидарност ја откажаа соработката со весникот.
Дежуловиќ пак во свој стил изјави:
„Се чувствувам младо, како да имам 26 години, значи е 1990 година, јас сум млад и полетен - ни прв ни последен пат исфрлен од весник заради поинакво мислење. Дали поинаку би го напишал текстот? Да, би го напишал уште пожестоко".
Тука уште едно толкување на отказот, кој нема директна врска со судскиот процес, туку повеќе со односот број на кликови/трошоци за ангажирање квалитетен новинар.