Неговата нова книга се вика „Јазикот на храната: лингвист го чита менито", и вклучува теми како историја на зборот „тост", имиња на егзотични вкусови сладолед, или етимологија на зборот „кечап" која го следи комплицираното глобално патување кое го претворило рибниот сос од кинеската провинција Фуџијан познат како „ке-тчап" во познатата црвена течност.
Јурафски сака да чита менија, и има детално анализирано илјадници од нив. Откако во 2002 ја добил наградата на фондацијата МекАртур за неговата работа поврзана со компјутерското процесирање на човечкиот јазик, тој одлучил да се сврти повеќе кон социјалниот аспект на компјутерската лингвистика, истражувајќи огромни бази податоци поврзани со храната.
Таква е неодамна дигитализираната збирка на Њујоршката јавна библиотека, која содржи транскрипции на над 17,000 менија, а бидејќи бројот на волонтерите кои се нафаќаат на транскрипција расте збирката се очекува набргу да стане уште поголема.
Ваквите истражувања во заедницата на лингвистите често се сметаат за премногу „поп", банални и незначајни, споредено со, на пример, истражувањето на некаква деклинација од микенскиот дијалект. Но Јурафски тврди дека ова е одличен начин да се следат промените во една јазична заедница, како и на начинот на кој лингвистичките описи се поврзани со пазарната вредност на некој оброк.
Така на пример, истражувањето на повеќе од 6,500 онлајн менија кои содржат 650,000 типови јадења покажало дека оние поевтините содржат повеќе јадења и се служат со повеќе зборови, но поскапите менија употребуваат подолги зборови, со тоа што секоја дополнителна буква се доведува во корелација со 10% повисока цена на јадењето. Што секако не значи дека покреативното име и опис на јадењето навистина значи и подобро јадење.
Критиките на рестораните исто така покажуваат интересни лингвистички карактеристики: оние со четири ѕвездички користеле ограничен спектар на поапстрактни позитивни зборови, додека оние со една ѕвездичка содржеле поразновиден речник. Последниве исто така имале повисок процент на употреба на минато време, на заменки, особено множински, и на други суптилни маркери кои лингвистите претходно ги забележале во, на пример, написите по смртта на принцезата Дијана од страна на нејзините обожаватели, како и блог постовите напишани неколку месеци по нападите на 11. септември.
Колку и да звучи лудо, тоа значи дека авторите на критиките со една ѕвезда несвесно употребуваат ист јазик како и луѓето кои се наоѓаат среде колективна траума - ние наместо јас, како јаството безбедно да е мушнато во прегратките на безбедното мнозинство. Уште нешто: критиките на скапите ресторани почесто употребуваат сексуални метафори, додека храната во поевтините ресторани најчесто се споредува со дроги.
Ете, следниот пат кога ќе видите вака преведено мени размислете, можеби навистина е подобро да јадете дома..