Пол Ромер, американски економист и пионер на таканаречената ендогена теорија на раст, во моментов е Главен економист и постар заменик претседател на Светската банка. Сепак, една од првите промени кои тој се обидел да ги спроведе кога стапнал на должноста не се однесувала на економијата туку на - пишувањето извештаи. Имено, побарал тие да се појасни и поконцизни, и што е најважно, да ја избегнуваат прекумерната употреба на „и“.
Основа за неговите реакции се резултатите од истражувањето „Бенкспик: јазикот на извештаите на Светската банка 1946-2012“ од авторите Франко Морет и Доминик Пестре од Литературната лабораторија на Стенфорд. Тоа покажува постојан пораст на овој мал но индикативен збор, кој во 2012 веќе претставува скоро 6% од сите употребени зборови во извештаите. Еден од таквите ептен „и“ ориентираните извештаи, на пример, е оној од 1999, кој ветува „промоција на корпоративното раководење и политиките на компетенција и реформа и приватизирање на државните претпријатија и реформа на пазарот на труд/социјалната заштита“.
Што е многу, многу е, рекол Ромер, и ја одредил границата на оптимално користење на „и“ на 2,6%5 од вкупниот текст. Сè друго според него треба да се смета за нејасно и непрецизно, или за економско дрн дрн.
Спомнатата студија покажува дека Светската банка од основањето во 1940-тите најпрвин се придржувала до ваквата стилска пристојност, но почнувајќи од 1970-тите работите некако излегле од контрола, па вработените почнале малку повеќе да „и“-каат. И не е само до и-то. Пораст забележуваат и акронимите (од 3% во 1970-тите на 5% во 2012).
Сепак, уште попоразително од стилската неиздржаност е што извештаите најчесто и воопшто не се читани, и тоа во рамките на самата Светска банка. Во 2014 од вкупно произведените 1.611 документи, 32% никогаш не биле симнати од ниту еден корисник. Оттаму Ромер изгледа има право - ако оваа институција сака нејзиното мислење да биде земено предвид, тогаш нејзините извештаи треба да бидат прочитани и читливи.