Опишан како брилијантен сатиричар, провокатор и поет на сетилата чии филмови се оружје против лицемерието и конформизмот на јапонската, но и на секоја култура, стана славен во 1976 со сексуално експлицитниот "Ai No Corrida" или „Во царството на сетилата".
Базиран врз реален скандал кој се случил во Јапонија во 1930-тите, раскажува за стасна, садомазохистичка врска која на крај ќе стане и фатална, помеѓу една слугинка и нејзиниот работодавач. Сексот во него е „несимулиран" (читај: реален) а кулминира со крвава сцена на кастрација. Филмот беше забрануван за јавно прикажување во неколку земји. Во САД најпрвин не беше дозволено неговото прикажување на Њујоршкиот филмски фестивал, но еден месец подоцна забраната е симната од страна на федерален судија.
Најголемиот комерцијален успех на Ошима беше „Среќен Божиќ г-дине Лоренс" од 1983, со Дејвид Боуви во главната улога на британски воен заробеник и Руичи Сакамото, чија е и музиката за саундтракот на филмот. Ошима го ангажирал Бoуви за улогата откако го видел во претставата „Човекот-слон" на Бродвеј, и изјавил дека „тој има внатрешен дух кој е нескршлив".
Роден во богато семејство во Кјото со самурајско минато, Ошима студирал право и станал активен во студентското движење, за што зборуваат и неговите први филмови, особено „Ноќ и магла во Јапонија" (1960), кој зборува за внатрешните превирања во една група радикални студенти. Филмот е повлечен од кино салите, а како одговор на ова Ошима заминал од продуцентското студио и отворил сопствена компанија. Во подоцнежната кариера има работено со сценаристот на Луис Буњуел, Жан-Клод Кариер, со кого ја снимиле француската сексуална фарса „Макс, љубов моја" (1986), во која главните улоги ги толкуваат Шарлот Ремплинг и еден - шимпанзо.
Целата кариера зборувајќи против традициите на јапонската кинематографија, Ошима изјавил дека „Неговата омраза кон јапонските филмови вклучува апсолутно сè што е снимено" и дека јапонскиот филм мора да се ослободи од неговата „јапонскост". Но антологиска останува неговата изјава пред јапонскиот суд во одбрана на „Во царството на сетилата" - „Ништо што е изразено не е опсцено. Она што е опсцено е она што е скриено."
Tрејлер за „Царството на сетилата“
Сцената на бакнеж меѓу Боуви и Сакамото од „Среќен Божиќ..“