Можеби ќе ве инспирираат за следното издание на „Јадење книги". Само гледајте да не останете на првиот рецепт.
Јајца по Набоковски
Владимир Набоков ѝ го испратил рецептов на Максим де ла Фалес за нејзиниот готвач во 1972:
„Зовријте вода во тенџере (кога ќе се појават меуричиња значи дека водата врие). Земете две јајца (за едно лице) од фрижидерот. Држете ги некое време под топол млаз од чешма за да ги подготвите за она што ги чека.
Спуштете ги без звук во водата што врие, едно по друго. Погледнете го часовникот. Стојте над нив со лажица спречувајќи ги да се удираат од ѓаволските страни на тенџерето (имаат навика да се превртуваат).
Ако сепак јајцето пукне во водата (и почне да пушта меури како лудо), а и ако почне да испушта облак од бела материја како медиум во старовремска сеанса, извадете го и фрлете го. Земете друго, и овој пат бидете повнимателни.
По 200 секунди, или пример 240 (земајќи ги предвид и прекините), почнете да ги вадите јајцата. Поставете ги со округлата страна во две чашки за јајца. Со мала лажица нежно скршете ги во форма на круг и отворете го капакот на школката. Посолете и земете (бел) леб со малку путер. Јадете.
Пастрмка печена во тавче според Хемингвеј
„Освен инсектите и отежнатото спиење, работата која често го расипува кампувањето е готвењето. Просечната идеја на готвење во такви околности е сè да се испржи, и тоа ептен. Секако, тавчето за пржење е најнеопходното нешто за секое патување, но исто така ви треба и стар казан за чорба и скаричка на расклопување.
Пржената пастрмка не може да биде подобра отколку што е, а и не кошта многу. Ама има добар и лош начин на нејзино пржење...
Добриот начин е прво да се свари на ќумур. Имајте при рака некакво растително масло, кое е исто толку добро како и животинското. Ставете внатре сланина, а кога е отприлика наполу сварена, ставете ја во врелото масло, претходно валкајќи ја во пченкарно брашно. Потоа ставете сланина и врз пастрмката.
Рибите се крцкави однадвор а цврсти и розови одвнатре а сланината е добро испржена - но не премногу. Ако има нешто подобро отколку оваа комбинација, писателот тогаш треба ова да го јаде цел живот, и него да го посвети во голема мерка и студиозно само на јадење" (објавено во The Toronto Star Weekly, 26. јуни 1920)
Паста со зелка на Џонатан Франзен
Тој ја нарекува оваа паста со многу лук „згодна", „интимна", „еротска" и „доблесна", но истовремено и ефтина, лесна за правење и нутриционистички балансирана. Е сега уште да знаевме каде има кај нас „кејл", некој вид зелка, можеби и ќе пробавме да ја направиме.
„500 грама свежа зелка
500 грама добра сува паста
1 тенџере со вода со многу сол
3 средни главици лук
1/2 шоља масилново масло
бибер и сол по желба
Сварете ја водата. Излупете го и исецкајте го лукот. Измијте ја зелката, кинејќи делови од неа отприлика колку карти за играње (исфрлете ги подолните, тврди две третини од коренот) и наредете ги во тенџере. Додајте малку вода, ако е неопходно, за да покрие малку од дното. Покријте со капак. Испржете го кратко лукот и малку сол во маслиновото масло. Додајте паста во водата која врие. Додека се вари зелката вртете ги листовите еднаш или два пати. Кога пастата е ал денте, исцедете ја и помешајте ја со зелката, лукот и маслиновото масло. Може да ставите бибер одозгора, ама ставање на рендано сирење е богохулие".
Кoлач со кокос на Емили Дикинсон
Емили Дикинсон била позната по тоа што ретко излегувала од дома, а времето освен во пишување го минувала и во правење колачи - често им давала цели кошници полни домашни слатки на децата од маало. Еве еден од нејзините рецепти. На позадината на оригиналниов ракопис се наоѓа и песна, веројатно напишана дур чекала колачето да се испече.
1 шоља кокос
2 чаши брашно
1 шоља шеќер
1/2 шоља путер
1/2 шоља млеко
2 јајца
1 прашок за пециво
(истово колаче го правам со шоља зејтин, ама сигурно е пофино со путер, ептен лесно се прави а брзо се јаде)
Студен летен боршч на Гинзберг
Ален Гинзберг наводно правел супер супи, а една од омилените му била оваа.
12 цвекла исчистени и исецкани во ленти како за салата
Корењата и листовите од цвеклата исто така исецкани како зелена салата
Сето тоа сварено со малку сол за да се добие светло црвена супа, додека цвеклата не станат меки.
Се додава шеќер и сок од лимун за црвената течност да стане горчливо-слатка како лимонада.
Се служи оладено со 1 павлака, 2 сварени мали компира, ама на страна од супата за да не ја загреат и салата направена од младо кромидче, патлиџани, зелена салата, краставици и неколку ротквици. Идеално за летна вечера.