Велат дека е најголемиот извозен производ на Франција, провокатор во чии дела се отсликуваат мрачните вистини на современоста на оваа земја. Оттаму, малку иронично звучеше објавата дека излегувањето на романот ќе коинцидира со тоа што Уелбек ќе го добие највисокото француско признание - Легијата на честа, од рацете на претседателот Макрон.
„Серотонин“ е приказна за депресивен земјоделски консултант кој пишува трговски извештаи за француското Министерство за земјоделие и ја мрази ЕУ. Незадоволен од урбаниот живот, во кој единствена предност му е што може да најде различни верзии на хумус во супермаркетите, тој одлучува да се врати на село. Книгата е напишана пред подемот на антивладиното движење „жолти елеци“ и нивните протести кои ја блокираа Франција, но како да ги најавува истите - во неа очајните фармери од Нормандија прават вооружени блокади и влегуваат во судири со полицијата.
Засега се отпечатени 320.000 примероци на француски, а следната недела се најавуваат италијанскиот, шпанскиот и германскиот превод. Англискиот ќе биде објавен во септември оваа година.
Како и со други книги на Уелбек и оваа почна да предизвикува проблеми уште пред официјалното објавување. Парламентарец од партијата на Макрон јавно се пожали дека нараторот го има наречено западно-францускиот град Ниорт „најгрдиот град во Франција“, и му порача на авторот да излезе од својот париски меур од сапуница.
Уелбек и неговите бели, средовечни, машки наратори кои се останати без ронка илузии се оние кои го предвидуваат националното расположение. Во претходниот роман „Потчинување“ (за кого осврт пишувавме тука), ја замисли Франција во 2022 како земја во која владее шеријатот и има претседател-муслиман. Тој беше објавен на 7 јануари 2015, и претставен на насловната на Шарли Ебдо непосредно пред терористите да влезат во канцелариите на списанието и да убијат 12 луѓе. Сега од истото списание велат дека со оглед на ова искуство овој пат ќе се воздржат од коментар.