Алекс и Вера имаат две деца, стан во градот и стара куќа некаде во руската степа, наследена од таткото на Алекс. Иако неговата професија не е јасна, тој е често отсутен од дома, а најблизок му е братот, кој очигледно соработува со криминалното подземје, и кој заради тоа веќе не комуницира со своето семејство.
При една посета на селскиот имот, Вера „од небо па во ребра" му кажува на Алекс дека е бремена, но дека детето не е негово. Крајно вознемирен, тој најпрвин сака да ја убие, за по малку размислување да одлучи да останат заедно, но под еден услов - таа да абортира.
Брат му носи двајца лекари во селската куќа дури децата се на преноќување кај комшии, и тие го вршат зафатот, кој според нив е успешен. Сепак, наскоро на Вера ѝ е полошо, таа паѓа во кома, и истата вечер умира. Од голема возбуда, а и како последица на претходно нетретирани рани од куршум, и брат му на Алекс доживува срцев удар, и следниот ден веднаш по погребот на Вера и тој испушта душа. Но пред ова тој во фиоката на автомобилот го остава прошталното писмо кое го Вера го напишала на позадината на позитивниот тест за бременост, а кое го нашол докторот кој итно беше повикан кога на Вера ѝ стана лошо.
Иако никогаш не дознаваме што точно пишува во писмото, преку реконструкција на настаните станува јасно дека ова не е филм за жена која го изневерила мажот и завршува трагично, туку дека трагедијата се состои во нешто сосема друго.
Детето кое таа го носи сепак е на мажот ѝ, но тие двајца толку се имаат отуѓено што таа веќе не сака само механички „да раѓа смрт", да носи на свет деца кои не се плод на нивната љубов. Ова му го признава на еден нивен заеднички пријател, за кого Алекс погрешно верува дека е татко на детето, откако тој ја спасува од првиот обид за самоубиство.
Со тоа што тој во ниту еден момент не се обидува да дознае чие е всушност детето, и фактот што таа во ниту еден момент не доби шанса сето тоа да му го објасни соочена со ѕидот на неговата суета и стравот од неговите агресивни реакции, само го потврдуваат нејзиното чувство дека помеѓу нив е едноставно завршено. Таа всушност не умира од компликации по абортусот, туку затоа што испила прекумерна доза лекови против болки кои ѝ ги имаат оставено докторите до креветот.
Филмот кој трае 157 минути е визуелно многу чист, но истовремено набиен со симболика - долга сцена на исушено цвеќе во вазната, сложувалката Благовештение која ја составуваат децата во текот на една нивна игра, гргање на вода од претходно исушениот извор во селскиот двор откако Вера умира, градското сивило наспроти меките и топли бои на селото, каде само што привршува жетвата, и луѓето го собираат она што го посеале. Голема улога во формирањето на атмосферата има и музиката на Андреј Дергачов и Финецот Арво Парт, особено звукот на вода која бучи и надоаѓа, а кој на повеќе пати се појавува во текот на филмот.
Режисерот Андреј Звјагинтцев има добиено златен лав во Венеција во 2003 за филмот „Враќање", кој е многу сличен по атмосфера на овој, за две братчиња чиј татко ненадејно се враќа дома по 12 годишно отсуство. „Изгон" беше номиниран за Златна палма во Кан, а Лавроненко (кој го игра Алекс) ја доби наградата за најдобра улога на истиот фестивал. Вера ја глуми норвешко-шведската актерка Марија Боневи, а сценариото е инспирирано од краток расказ на Вилијам Саројан, од неговата книга „Предмет на шега" (A Laughing Matter) oд 1953.