Италија наспроти Кина: зошто некои култури подобро се справуваат со патогени?

Гад Саад е еволутивен психолог, кој во основа го тврди следново: колективистичките култури се развиле онаму каде што историски имало поголема опасност од патогени. И тие денес се оние кои најдобро се снаоѓаат во ситуацијата.

Како еволутивен бихејвиорален истражувач, ја препознавам примената на теоријата на еволуцијата во објаснувањето на голем број човечки феномени. Еволутивната призма им овозможува на научниците да создадат конзилијарно мислење и во рамки на своите дисциплини и помеѓу различните области. Со други зборови, еволутивниот начин на мислење создава некој вид епистемолошки поредок во области кои инаку би се состоеле од неповрзани наоди.

Од таа гледна точка сакам да истражам неколку начини на кои еволутивната теорија може да се аплицира на прашања релевантни за моменталната пандемија на коронавирус.

Теоријата за Петте типови на личност (совесни, екстровертни, отворени за нови искуства, допустливи и невротични) се користи за објаснување на хетерогеноста на карактери на индивидуално ниво. Но истата може да ја објасни хетерогеноста на својства на културолошко ниво. Веројатно најдобриот меѓу-културен психолог кој го има сторено тоа е Герт Хофштеде, кој има подредено различни земји согласни шест основни карактеристики: индвидуализам-колективизам, индекс на оддалеченост согласно моќта, женскост-машкост, одбегнување на несигурност, краткорочна наспроти долгорочна ориентација и уживање наспроти воздржување.

Но исто толку значајно е и истражувањето на ултимативното прашање, зошто (во Дарвиновска смисла) некои културолошки одлики еовлуирале различно низ светот. Со други зборови, наместо да ја спротивставуваат културата во однос на биологијата, бихејвиоралните екологисти и другите еволутивни научници велат дека голем број културни разлики се адаптивни реакции на локалните околини. Културата не постои како контрапункт на биологијата; таа е адаптивно решение на биолошки предизвици.

Што е објаснувањето за тоа зошто културите 1, 2 и 3 станале индивидуалистички општества, додека културите 4, 5 и 6 станале колективистички? Тимот на Кори Финчер (2008), има интригантен одговор. Тие ја истражиле глобалната дистрибуција на индивидуалност наспроти колективизам на глобално ниво, и ги поврзале резултатите со застапеност на патогени во локалните средини.

Културите кои постојат во средини со поголем обем на патогени се покажале како поколективистички, додека оние со послаба застапеност на патогени, индивдуалистички. Финчер заклучува: „Овие наоди се конзистентни со претпоставката дека иако индивидуализмот може да подразбира одредена корист за поединците и за општеството кое тие го создаваат, однесувањата кои го дефинираат индивидуализмот може да ја зголеми веројатноста на патогена трансмисија, и оттаму може негативно да влијае врз адаптацијата во услови во кои патогените се присутни во голем обем. Спротивно на ова, однесувањата кои го дефинираат колективизмот можат да функционираат во корист на антипатогената одбрана, и оттаму да бидат особено адаптивни во услови на висока патогеност“.

Применувајќи ја оваа логика на актуелната криза со КОВИД-19, стратегиите за борба против ширењето на вирусот можеби се полесно применливи во колективистички општества, со оглед на тоа што во нив бројот на поединци кои би ги следеле правилата, законите и нормите е поголем. Тоа дека Кина беше во состојба да го контролира ширењето на болеста во своите граници зборува не само за нејзината колективистичка природа, туку и за авторитарната власт, која има поголем степен на слобода во репресирање на поединечните избори на својата популација.

Ако се истражува реакцијата на Јужна Кореја, и таа можеби делумно беше успешна заради тоа што и ова е колективистичко општество. Од друга страна, делумните мерки кои беа применети на Запад може да е одраз на етосот на индивидуализмот, кој во овој случај може да резултира со катастрофални ефекти.

Слично функционира и религијата. Како што покажа еволутивниот биолог Дејвид Слоун Вилсон во својата книга од 2002, „Дарвиновата катедрала: еволуција, религија и природата на општеството“, верските групи промовираат поголема кохезија, заедништво и соработка помеѓу членови на групата, и тоа овозможува предност во смисла на опстанок. Верските правила можат да бидат извор на таквата предност за поединците кои се придржуваат кон истите. Голем број од нив се применливи во текот на кризата предизвикана од КОВИД-19, иако некои поединци ги прекршуваат инструкциите за социјално дистанцирање поради нивната желба да се вклучат во колективна молитва.

Автор: Гад Саад
извор

Поврзано: За хистеријата на радикалната левица и Требаше да запнеме

1 април 2020 - 13:40