Подкаст на Би-би-си под наслов „Исчезнатата криптокралица“ во осум епизоди ја раскажува сторијата на доктор Ружа Игнатова, која убедила милиони луѓе низ целиот свет да се придружат на нејзината финансиска револуција. А потоа исчезнала.
Википедија страницата на Игнатова вели дека таа е родена на 30 мај 1980, и дека е „осудена бугарска измамничка“. Основач е на пирамидалната шема позната како OneCoin, која е опишана како „една од најголемите измами во историјата“. Од 2017 таа е во бегство, по неа трага Еф-би-ај, а е осудена во отсуство од страна на американските власти за перење пари и електронска измама. И покрај ова, деталите за случајот не се широко познати. Всушност, најмалку им се познати на оние кои би требало да се и најзаинтересирани да ја знаат вистината - обичните луѓе кои имаат инвестирано за нив големи пари, и за кој овој губиток претставува огромен финансиски удар кој им го променил животот.
Новинарот на Би-би-си Џејми Бартлет во 2019, две години по исчезнувањето на Ружа, тргнува во потрага по неа која ќе го однесе него и неговите соработници од Лондон во пристаниште со јахти во Созопол, на избор на Мис OneCoin во Романија, по улиците на богатите квартови на Франкфурт каде што можеби се крие Игнатова и на крај, во запустени села во Уганда, Африка. Секоја епизода значи подлабоко и подлабоко навлегување во обемот на измамата и начините на кои таа се правела. Но она што е уште поизненадувачки е што во таа, 2019 година, откако Игнатова е веќе осудена, во голем број земји од светот канцелариите на OneCoin сè уште работеле и наводната криптовалута - сè уште се продавала!
Приказната е прилично сложена и се протега на неколку години, но еве ги нејзините главни поенти.
Најпрвин, она што изгледало како вложување во криптопвалута и одбегнување на банките и националните валути, од самиот почеток било лага, затоа што Уан којн воопшто не е врзана со блокчејн - она што е основата на функционирањето на трансакциите со криптовалути. Ова за луѓе со ограничено техничко знаење е нешто што тешко може да се провери. Тие ѝ верувале на збор на убедливата и атрактивна Ружа, која се појавувала на собири секогаш дотерана во вечерни фустани, дијамантски обетки и крзна. Освен ова, таа го црпела својот кредибилитет од магистерска на Оксфорд и докторска (за европското право) од Универзитетот во Констанц, Германија. Иако звучи пренеобично за да биде вистина, авторот на подкастот ги проверува овие информации за образованието на Игнатова, и тие се коректни.
Тоа дека ОneCoin воопшто нема блокчејн го сфатил експерт по име Бјон Бјерке кога бил контактиран со одлична понуда за работа. За веќе постоечка компанија, која претходно работела најмалку две години и продавала криптовалута, допрва да го воспостави основниот услов за тоа да е реално можно. Ја одбил работата.
Но голем број други луѓе, кои не се ни од далеку експерти на оваа тема, наседнале. И не само тоа - ги убедувале своите пријатели и роднини дека ова е животна шанса. Го продавале последното што го имале за да купат пакети, го вложувале своето наследство, зајмеле. И ова се случувало од Англија, преку Норвешка, Канада, до Бразил, Јемен, Палестина. Како што ќе видиме понатаму, дури и до села во Африка.
Што било клучно за овие луѓе да поверуваат? Ова е всушност многу поинтересно отколку самата приказна за извесна измамничка, какви што имало многу низ историјата на човештвото. Подкастот повеќе се занимава со психологијата на оние кои вложиле пари, и кои дури и соочени со докази дека работата е пропадната, не сакаат да поверуваат. Сметаат дека ова е заговор против моќна бизнисменка, која сакала да се сврти против банкарскиот систем. Дека е киднапирана или убиена од мрачни сили. Целото „Уан којн“ семејство е организирано така за да создава чувство на припадност на култ, култот на криптовалутата, но многу повеќе, култ кон водачот - Игнатова. Таа својот авторитет го црпела не само од сопствената маркантна појавност и реални дипломи од областа на правото и економијата, туку и од фактот дека големите медиуми почнале да ја забележуваат и индиректно да ја промовираат.
Таа на пример зборувала на конференција организирана од престижното списание Економист, а ја имало и на насловната на Форбс - добро, на бугарското издание на Форбс, но тоа секако било претставено малку поинаку. За оние кои само површно гуглаат проверувајќи нечиј кредибилитет, овие нешта биле сосема доволни да ги дадат последните илјада евра. Па да позајмат уште илјада. Па да продадат нешто за да купат уште Уан којн.
Ова за обични сточари во село во Уганда, каде заминува екипата на подкастот, значи продажба на сите три кози со кои располагало семејството. Или трошење на заштеда која била наменета да се купи колиба и да се отвори маркетче. Да, претставници на Уан којн успеале да стигнат дури до тука (во емисијата има говор пред селаните одржан од страна на братот на Ружа, сега и тој осуден, Константин). Еден од водичите на екипата, и самиот инвеститор во валутата, се уште ѝ нема кажано на мајка си дека целата работа е пропадната, а таа кога ги гледа новинарите мисли дека белиот човек конечно дошол да донесе добри вести за замисленото богатство.
Потрагата на новинарите не вродува со конечни одговори. Освен тоа дека Игнатова е жива, најверојатно во Европа (Франкфурт), дека можеби има направено пластична операција, па дури и дека тие на избор на мис Уан којн седеле многу блиску до неа и не ја препознале. Но и тоа дека целиот систем не е доволно одлучен и/или способен да се справи со вакви измами. Се уште отворените врати на Уан Којн во голем број земји и поврзаноста на оваа фирма со јаки играчи од различни слоеви на општеството - бизнисмени, криминалци, политичари, дури и свештеници - е повеќе од веројатна. Ружа Игнатова во меѓувреме сè уште се води како „исчезната“.
извор и дел од фотографиите Би-би-си