Интелектуалците се фрикови

Луѓето кои специјализираат во анализирање идеи најчесто се екстремно атипични во нивните општества. Во статистичка смисла тие се необични суштества, фрикови. Во ова помагаат и популистите, кои ги прогласуваат интелектуалците (особено оние кои нема да ги придобијат за нивните каузи) за арогантни и себични „изроди“, кои се вон овој свет. Aма можеби вториве, колку и да претеруваат, се всушност во право.

Термините „интелектуалец“ и „интелигенција“ се појавиле во 19 век, по индустриската револуција, бидејќи претходно освен свештениците, монасите или мандарините кои работеле за кралеви или за аристократи, ретко кој ја имал таа привилегија да научи да чита и да пишува. 

Замената на аграрната цивилизација со индустриски капитализам создала два нови типа мислители, директно или индиректно спонзорирани од новопечената капиталистичка елита. Едниот е непрофитниот сектор - универзитетот и невладините „тинк-тенкови“, а вториот се боемите, кои занимавајќи се со уметност, филозофија и политика го трошат наследеното буржујско богатство, истовремено критикувајќи го.

Без оглед дали припаѓаат на некаква институција или се слободоумни боеми, интелектуалците на индустриската ера се разликуваат од голем број луѓе во современите индустриски општества, исто како што на времето древните филозофи и писари се разликувале од од робовите или од селанството во нивните општества. 

Прво - тие имаат многу повисоко образование. Само 30% од возрасните Американци имаат завршено факултет. Бројот пак на оние со повисоки звања е еден во десет. Бидејќи факултетска диплома е минимален услов за вработување во повеќето интелектуални професии, множеството од кое се бираат ваквите вработени самото по себе е прилично мало. 

Второ е прашањето на локацијата. „Мислителите“ главно се групирани во неколку светски главни градови, големи и скапи места за живеење, а од различните видови интелектуалци најшарен хабитат имаат професорите, со оглед на големиот број и на шарената географска дистрибуција на универзитетите низ светот. Она што е заедничко за сите нив е што современите интелектуалци ретко живеат и работат на местата на коишто се родени. За спроедба, просечниот Американец живее на околу 30 километри оддалеченост од неговата или од нејзината мајка. Географската мобилност во корист на личната кариера е вообичаена само во рамки на високо атипичната општествена и економска елита. 

Што се однесува до животниот стил, интелектуалноста и индивидуалноста одат рака под рака, па барем во она што се нарекува „американска интелигенција“ бројот на немажени/неженети и парови без деца е повисок од просекот. Ова е сосема различно од мнозинската „работничка“ класа, чии амбиции завршуваат со средното школо и кои се потпираат на проширените семејни мрежи за економска поддршка и грижа за децата.

Сите претходно наведени елементи можат да влијаат врз дисторзија на сликата на светот на интелектуалците, кои забораваат дека  припаѓаат на мало и по многу нешта бизарно малцинство. Тие често се изјаснуваат како „граѓани на светот“, отфрлајќи ги верските, националните и другите граници, залагајќи се за некаков замислен (но крајно нереален) космополитизам. На прашањата на нееднаквост често пати нивниот единствен одговор е - повеќе образование! Само затоа што успешните интелектуалци стигнале таму каде што се затоа што оделе во добри училишта и имале високи оценки прави да генерализираат, дека ако сите завршат факултет светот ќе биде подобро место за живеење. Вака не се занесувале дури ни средовековните монаси, ниту пак кинеските мандарини - тие никогаш не помислиле дека нивниот животен стил може да биде масовно прифатен од оние околу нив. 

Решението на коментатор на The Smart Set e - нема да боли ако секој високопарен интелектуалец, во која и да е земја поработи година-две во пиљара, во хотел, болница или во магацин. Така можеби ќе научи нешто повеќе од она што го велат книгите, а што за повеќето луѓе е реален живот. 

6 август 2016 - 12:06