Во 1927 циркусот Ринглинг брадерс пристигнал во Роаноке, Вирџинија. Се состоел од четири локомотиви, 100 вагони, 1600 луѓе и шест сцени, а како атракции нудел слонови и акробации на жица. Сепак, најголем интерес предизвикувале двајца браќа, Џорџ и Вили Мјуз, познати низ САД под „уметничките“ имиња Еко и Ико - канибалите со овчји глави од Еквадор. Секако, тие не само што не биле човекојадци, туку не биле ни од Еквадор. Тој ден, додека возот влегувал во станицата, тие всушност се враќале дома.
Шаторите биле поставени на локација каде една година претходно илјадници луѓе присуствувале на собир на Ку Клукс кланот. 13-тиот амандман на Уставот во 1865 го укинал ропството, но до 1920-тите на југот се уште важеле законите за расна сегрегација. Наводно слободните Афро-американци биле бедни, необразовани, и многу почесто завршувале во затвор отколу белците. Всушност ропството како никогаш да не завршило, само добило друго име.
Еко и Ико, како што пишува Бет Мејси во нејзината нова книга, биле „освежување“ за белата публика која веќе била заситена од брадосани жени, тетовирани мажи, џинови и џуџиња. До тогаш црнците било вообичаено да позираат како диви луѓе во кафези, преправајќи се дека јадат живо месо и одгризуваат глави на кокошки и змии. Браќата нуделе нешто различно, но сепак не помалку расистичко. Биле добри музичари, облечени во смокинзи, но со „суканици“ кои отскокнувале од инаку свечената облека. Косата која морале да ја пуштаат долга, пред настап ја собирале во големи капи, а потоа во клучен момент ја ослободувале, на воодушевување на присутните. Долга дива машка коса во тоа време не била вообичаена глетка, и публиката плаќала и по 30 долари за да биде фотографирана со овие луѓе. Освен како „човекојадци од Еквадор“ тие низ нивната циркуска кариера биле претставувани и како „Луѓе-мајмуни“, алката која недостасува помеѓу луѓето и нивните предци.
Во стварноста Џорџ и Вили биле браќа од Вирџинија кои уште како деца од мугри до зајдисонце работеле на полиња со тутун близу нивниот дом во Трувајн. Сè до еден ден во 1899 кога Џорџ, кој тогаш имал шест, и Вили, кој имал девет години, биле забележани од „ловец на фрикови“ под име Џејмс „Кенди“ Шелтон (кого во планираната филмска адаптација на книгата на Мејси најверојатно ќе го игра Леонардо ДиКаприо).
Кога Шелтон наишол на браќата Мјуз, веднаш сфатил колку може да заработи од нив. Освен што имале светла кожа и очи, мутацијата која е почеста за црнечкото население отколку за белците ги правела овие деца многу чувствителни на светлина и речиси слепи. Според легендата Шелтон им понудил бонбонче (оттаму и неговиот прекар „Кенди“) и ги киднапирал. Потоа им бил „менаџер“ (всушност експлоататор), шетајќи ги низ Америка со различни циркуси.
Нивните родители, Хариет и Кејбел Мјуз, до есента 1927, ги немале видено своите деца. Освен во циркуси, слики од браќата имало и во литература која ја издавало еугенетското движење на САД, прикажувајќи ги како вид „изроди“, чиј број би можел да биде намален со стерилизација и контрацепција. Всушност тоа во Вирџинија и било правено - помеѓу 1924 и 1979 на сила биле стерилизирани 8,000 луѓе заради наводни ментални заболувања, физички деформитети, па дури и заради бездомништво.
Кога циркусот пристигнал во Вирџинија во октомври 1927, браќата на постер закачен на шаторот во кој настапувале биле опишани како „Амбасадори од Марс“. Во моментот кога изведувале точка во која Џорџ свирел на мандолина а Вили на гитара, еден од браќата забележал црна жена која се пробивала низ белечката публика. Ја препознал мајка си, која ја немал видено 13 години, а за која им било кажано дека е умрена. Според една верзија на приказната, Хариет Мјуз, мајката на Ико и Еко, всушност самата ги дала во циркус, а дури потоа тие биле киднапирани. Но во секој случај таа од 1914 натаму не знаела каде ѝ се синовите.
Откако еднаш ги нашла, таа била одлучна да ја истера правдата. Ги дала на суд и циркусот Ринглинг и киднаперот Шелтон. На крај паднал договор: ако браќата се вратат во циркусот, дел од нивната заработувачка би одела кај родителите, а и третиот брат би бил вработен како помошник. Ова ја смирило топката - следеле нивни патувања и во Европа, каде наводно настапувале и пред кралското семејство. Заработените пари мајката ги употребила да купи имот, и иако не дочекала да живее таму со синовите (умрела на 68 години во 1942), тие сепак создале дом во родното место каде живееле по пензионирањето. Афро-американци кои поседувале недвижнина во шеесетите имало многу малку, а браќата Мјуз биле меѓу нив. Џорџ починал во 1972, но Вили (на сликата горе) живеел до 2001, кога умрел на возраст од 108 години. Нивната лична приказна истовремено е уште еден документ за американскиот расизам, кој и денес е далеку од искоренет.