* содржи расипувачи на забава
Кога целосно би ја препишала статијата за првиот филм, „Игри на гладта", таа сосема коректно би можела да го опише и вториот, и во смисла на нарација, и во смисла на впечаток. Но има неколку детали кои сепак го прават „Раѓање на огнот" малку поразличен, што за арно, што за лошо.
Арно:
- Атмосферата на отпор кон системот кој ги јаде своите најдобри и најспособни, која само се најавуваше во првиот дел, сега се вжештува и веќе наликува на сериозна револуција, со своја масовна „база" во 12-те области на Панем и своја иконографија - графити со подбивната птица и стрелата и кореографиран поздрав со три прста и тивко свиркање како знак на препознавање помеѓу „отпорашите". Важен бонус: и главниот продуцент на игрите, десна рака на претседателот Сноу (кого го игра никој друг туку Филип Сејмур Хофман!), излегува дека припаѓа на движењето на отпорот и е клучен за контрола на настаните „од внатре";
- Кетнис Евердин (Џенифер Лоренс) како што „зрее", и хронолошки во приказната и како актерка, станува сè подобра. Нејзиното продолжено присуство во игрите во кои еднаш победи и требаше до крајот на животот да биде оставена раат се мотивира со тоа што на секои 25 години Капитол-от организира јубилејни „грејтест хитс" изданија, во кои учествуваат победниците од претходните, со што нивото на вештина, суровост и возбуда кај публиката е доведено до максимум. Истовремено, тоа е уште еден, ултимативен круг на „преживување/истребување на најспособните". Овој пат конкуренцијата е навистина остра;
- За љубителите на крв, пот, солзи и гнојни плускавци во акциони филмови, тука ги има повеќе отколку во првиот дел, и да, додаваат „уау" вредност на виденото;
- Костимите, сценографијата, и воопшто целиот дизајн на филмот е далеку пософистициран од првиот дел. Особено првото - Џудијана Маковски од „Игри на гладта“ (која има работено и на Хари Потер) сега е заменета со Триш Самервил, која ја облекуваше Лизбет Саландер во „Девојката со тетоважа на змеј". Иако има некои мотиви кои се повторуваат, облеките тука се некако попанкерски, а квази-свадбениот фустан на Кетнис кој се претвора во модар костум на подбивната птица кој фрла оган треба да се види. Не дека се разбирам од костими, ама мириса на Оскар.
Лошо (или помалку добро):
- Почетокот на филмот, и тоа некои добри 45 минути е повторно ко долг трејлер за она што следи. Де Кетнис се поздравува со нејзината вистинска љубов и целото семејство, де коваат стратегии со ко-победникот од претходната игра, Пита, де се запознаваат со другите учесници. Дур се случи некаква акција веќе сте на пола копје и седиште. Режисерот на првиот дел, Гери Рос, е заменет со Френсис Лоренс (не ѝ е роднина на Џенифер), ама и тој се придржува кон овој рецепт, кој на оној кој не го гледал првиот дел ич не му помага да се вклопи во приказната, а пак на оној кој нестрпливо очекува нешто ново само непотребно му го одложува задоволството;
- Од сите можни предизвици на островот на кој се одвива играта, дожд во вид на крв, отровна магла, птици кои имитираат гласови на мачени роднини на играчите..мораше ли да има бесни мајмуни со огромни челусти? Меѓу толку сурови луѓе на квадратен метар, пак мајмунот најголем непријател на човекот.
Под „лошо", но не директно поврзано со филмов е таканаречената пародија под наслов Starving Games, која на imbd има точно една и пол ѕвездичка. И тоа и е многу, бидејќи таа не прави ништо друго туку актери кои физички личат на оние во оригиналот ги става во слични сцени, додавајќи им безобразни реплики или мешајќи ги со ликови од други блокбастери. Тоа покажува не само колку е генерално тешко да се направи пародија, туку дека и оваа конкретна приказна на „Игри на гладта" на Сузан Колинс, од која се очекува да бидат снимени четири филмови, и не е толку површна колку што може да изгледа на прв поглед. Сас бујна страст го чекаме третиот.
Oфицијалниот трејлер за филмот:
Трејлер за пародијата:
Бонус: интервју со тренерката на Лоренс, олимпијската стреличарка Катуна Лоринг. Хајлајц: „Колку време тренираше Џенифер?", „15 дена по еден час". „Дали е тоа доволно за да се совлада стреличарството?". „Не." :)