Циркулар во празно

Иг нобелова за книжевност 2012

Помеѓу сите урнебесни достигнувања кои оваа година заслужено ја добија Иг нобеловата - пародијата на вистинската Нобелова награда - едно остана неправедно маргинализирано.

Психолошка студија за тоа дека накривувањето на лево прави Ајфеловата да изгледа помала, награда за акустика за SpeechJammer- машина која го прекинува вашиот говор со тоа што со мало задоцнување ви ги повторува зборовите и ве нервира, невролошко откритие дека мозочна активност има дури и во мртов лосос или награда за физика за прецизно пресметување на рамнотежата на силите кои го моделираат и движат човечкото коњско опавче...За сите овие веројатно веќе чувте - количеството време и енергија вложени во навидум апсурдни теми и истражувања се фасцинантни, но нивните резултати можеби сепак некаде и некому ќе му послужат.

Но за добитникот на Иг Нобел за литература - извештајот за корисноста на извештаите во врска со извештаите, кој препорачува изработка на извештај за извештај во врска со..хм..извештаите, изработен од Владината канцеларија за генерална одговорност во работењето а за потребите на Комитетот за вооружени услуги на Сенатот на САД од 10. мај 2012, сме сигурни дека нема никогаш и никому да му се најде, освен како школски пример на циркуларно мислење.

Исто така сме речиси сигурни дека се ретки оние кои се обиделе да го најдат истиот и, особено, да го прочитаат. Откако почнавме да чувствуваме како интелигенцијата ни се намалува правопропорционално со секоја страница, по урнек на добро познатата методологија - скокни до заклучоците и препораките - еве што сфативме на крај:

„За да се определи дали неговите напори за проценка на трошоците го даваат посакуваниот ефект на зголемена транспарентност, намалување или елиминирање на побарувањата за известување и зголемување на свесноста за трошоците, препорачуваме Секретарот за одбрана да преземе чекори за да ги процени истите тие напори, земајќи ги предвид и внатрешните и надворешните донесувачи на одлуки, односно сондирањето на нивните гледишта за тоа како извештаите влијаеле врз нивните одлуки за воспоставување внатрешни и надворешни барања за известување."

Јасно е, нели?

Патем, извештајот кој има 32 страници, од кои половината се прилози, го правеле точно 13 луѓе. Претпоставка: повеќето од нив се ботови.

Целиот награден текст тука.

 

23 септември 2012 - 21:29