Пред некое време пишувавме за тоа дека Генералната комисија за терминологија и неологија, француско владино тело, издало официјално соопштение во кое наместо американскиот израз binge drinking (брзо пиење заради опивање), го препорачува изразот beuverie express. Овој орган и претходно излегувал со француски алтернативи за англиски термини, како mot-dièse наместо хаштаг или courriel за e-mail.
Но една друга престижна образовна институција, Националната школа за администрација (Ecole nationale d'administration - ENA) од Стразбур, каде се образувале неколку досегашни француски претседатели, сега го воведува англискиот како обврзен за идните студенти. Ова сигурно ќе го изнервира Жак Ширак, некогашен дипломец на овој факултет, кој во 2006 во знак на протест замина од собир на Европската унија на кој француски бизнисмен и претседател на здружение на работодавци се обрати на англиски.
Наследникот на Ширак, Саркози, знаеше само неколку зборови англиски кога стапи на функција, и мораше постојано да има преведувач кога се среќаваше со „англо-саксонец". И сегашниот претседател Оланд има многу ограничено познавање на англискиот - во 2012, честитајќи му на Обама за повторниот избор, тој го завршил писмото со „Пријателски, Франсоа Оланд", што е буквален превод на француското amicalement, со којшто вообичаено се завршуваат преписките.
Сето ова е причина зошто Националната школа за администрација смета дека е време за реформи - новиот приемен испит кој ќе го вклучува англискиот ќе стапи на сила во 2018, за да им дозволи на оние кои уште од сега знаат дека ќе конкурираат да си го утврдат градивото.
За тоа како пак од другата страна на океанот стојат со најосновен француски, од ова видео