Клаудио Гати, кој себеси се нарекува „истражувачки“ новинар, во текст објавен во New York Review of Books изнесува тврдења произлезени од нешто што изгледа како долготрајна детективска работа, откривајќи го наводно вистинскиот идентитет на aвторката на четирите романа кои го сочинуваат тн. „Неаполски квартет“ (2011-2014). Тие доживеаа сензационален успех не само во Италија, туку и секаде кадешто беа преведени (кај нас е преведена првата книга). Цели 24 години (од нејзината прва книга објавена во 1992) во јавноста немаше никакви фотографии од нивната авторка Феранте, иако таа често даваше интервјуа преку својот римски издавач Едиционе, а не се знаеше ниту нејзиното вистинско име.
Според Гати се работи за Анита Раџа (Anita Raja), преведувачка од Рим, која е „далеку од ќерка на шивачка од Неапол како што се опишува самата“. Мажена со писателот Доменико Старноне, таа е поврзана со истата издавачка куќа која ги објавува делата на Феранте со години, преведувајќи германска литература (Кафка, Енцесбергер). Но анализата на нејзините примања од издавачот покажале драматичен пораст во последниве години - во 2000 откако првата книга на Феранте била преточена во филм, Раџа на нејзино име купила седумсобен стан близу Вила Торлонија, луксузна област во Рим, а следната година селска куќа во Тоскана. И тоа било само почеток, пред нејзините романи да излезат на меѓународниот пазар. Според издавачот, тие се продаваат во четириесет земји, при што во САД и Канада се продадени 1,6 милиони а во Велика Британија 600,000.
Текстот во инаку сериозното книжевно списание се фокусира речиси исклучиво на трагата на парите, небаре Феранте се занимава со шверц на плутониум. За среќа, јавноста на ова наместо со некакво воодушевување од „откритието“ (а кое всушност ништо не им менува), главно реагираше со критики на постапката на новинарот, па го обвинија и за мизогинија . Тоа што весниците сега почнуваат да објавуваат и фотографии од Феранте не е „вест“, бидејќи на нив нема чудовиште со три глави туку сосема обичен лик на жена. Самата Феранте и нејзиниот сопруг засега не излегле со изјави, а претходно таа ја образложуваше својата потреба за анонимност со желбата во центарот на вниманието да биде она што го пишува, а не нејзиниот вонкнижевен лик.
„Во време во кое очајно се трча по слава и популарност, личноста зад Феранте очигледно сакала да остане непозната. Но неверојатниот успех на нејзините книги ја направи потрагата неопходна“, се правда новинарот на крајот од неговиот текст. Притоа она што било „неопходно“ се веројатно само неговите лични слава и популарност.