„Живееме во Орвеловата 1984. Слободниот говор веќе не постои во Америка. Умре со големите технолошки компании, а она што останува од него им е на располагање само на малкумина“. Ова го напиша Доналд јуниор, како одговор на забраните за пристап до голем број платформи и социјални мрежи на татко му, Доналд Трамп сениор.
Кога на републиканскиот сенатор Џош Хоули му беше поништен договорот за издавање книга кај издавачот Сајмон и Шустер, по протестите на Капитол Хил кои тој наводно ги поттикнувал, неговата твитер реакција беше - „Ова не може да биде по орвеловски“.
Сето ова иницираше иронично-хумористични коментари, како следниов: „Како што сите се сеќаваме, 1984 е за стар човек кому му е забранет пристап на социјална мрежа со име кое асоцира на пиле, откако постојано охрабрувал насилство“.
Или, тешко преводливото:
My son just described having to clean his room as positively “Chorewellian.”
— Gennefer WEAR A MASK Gross (@Gennefer) January 9, 2021
„Орвеловско“ стана придавка за изразување на незадоволство, етикетирање на нешто со што не се согласуваме како тоталитарно и неправедно. Збор кој покрива секаков вид репресија, но онака како што секој си ја толкува. Ова е иронично, земајќи предвид дека Орвел бил некој кој посветувал посебно внимание на јасноста во изразувањето, а против против јазик кој е намерно еуфемистичен, двосмислен и „заматен“, за говорителот да не сноси одговорност за кажаното, но и за никој да не ја разбере вистината.
Токму такви се фразите и слоганите на фиктивната влада во „1984“, која често се толкува како алегорија на советскиот тоталитаризам. Но идеите на Орвел се многу подлабоки - тој не само што ги критикува тоталитарните режими туку се обидува и да ги дисецира, и преку таа деконструкција да увиди како тие успеваат да манипулираат користејќи го јазикот. Неговиот став е - колкава и да е моќта на тоталитарните власти, тие не можат до крај да ја наметнат нивната волја, туку мораат и да ииндоктринираат. Нивниот успех подразбира соучесништво.
Во романот тој на некој начин ги предвидува и социјалните мрежи. „Две минути омраза“ е дневен настан на кој јавно се прикажува видео од непријателот а публиката се охрабрува да го изрази својот гнев. Токму како менталитетот на толпата на Твитер или Фејсбук, според кој „орвеловско“ е она што во моментот не ни/им одговара.
Види претходно: 1984 - ремек делото што му го скратило животот на Орвел