Во текот на 40-тите Орвел бил во многу тешка животна ситуација. Тој и неговата жена Ајлин само што го посвоиле нивното единствено дете, синот Ричард. Секојдневниот живот во со војна погодениот Лондон бил ужасен, но работата станала уште потешка кога во март 1945, додека бил на новинарска задача за Observer во Eвропа, Орвел добил вест дека неговата жена умрела во текот на рутинска операција. Вдовец и самохран родител, тој ја загушувал тагата со пишување: само во текот на 1945 напишал над 110,000 зборови за различни публикации, вклучително и 15 осврти за книги во спомнатиот весник.
Токму уредникот на Observer, Дејвид Астор, му се нашол во невоља, нудејќи му ја својата куќа на островот Дјура во Шкотска - планинско, едвај населено подрачје од групата острови Внатрешни Хебриди на северот на Британија, за овој да може да работи на новата книга. Орвел ја прифатил поканата, и во мај 1946 се качил на воз, што според неговите зборови било како да се качува на брод за арктичко патување.
Тоа било ризичен потег - тој не бил добар со здравјето, а таа зима била една од најстудентите во векот. Сепак, сметал дека заминувањето ќе му дојде добро, бидејќи под притисокот на новинарството станал „како исцеден портокал".
На имотот Барнхил животот бил примитивен, немало струја, а радиото на батерии била единствената врска со светот. Од мебел имало само полски кревет, масичка, неколку столици и тенџериња. Локалците го знаеле авторот под неговото вистинско име, Ерик Блер, како висок, преслаб човек со тажно лице. Наскоро му се придружиле бебето Ричард и неговата дадилка, како и сестрата на Џорџ, Аврил, која била одлична готвачка и практична жена. Без неа тој никогаш не би ја напишал 1984, која на почетокот се викала „Последниот човек во Европа".
Сепак, книгата за малку немало ни да биде завршена - во текот на август при пловидба со кајче целото семејство ќе се удавело во злогласен вртлог близу брегот. Иако успеале да се спасат од студената вода, и онака начнатите бели дробови на Орвел сериозно попуштиле. Тој сепак работел со пеколно темпо, деноноќно чукајќи на машината, сè до Божик кога она од што сите стравувале се покажало како точно - дека тој има туберклоза. Во тоа време не постоел лек за болеста; докторите само препорачувале свеж воздух и добра исхрана, но имало едно ново, тогаш експериментално лекарство, Стрептомицин, кое Астор организирал да биде донесено од САД за неговиот пријател.
Орвел добил прекумерни дози од тој нов, чудесен лек. Нуспојавите биле тешки (губење на косата, чиреви во устата) но по три месеца симптомите на туберклоза исчезнале. „Ова беше како да се потопи бродот за да се излезе на крај со стаорците, но вредеше", му напишал тогаш Орвел на неговиот издавач. Овој пак му вршел притисок книгата да биде предадена што поскоро, што претставувало дополнителен напор, затоа што различните верзии Орвел сакал да ги пречукува сам, со оглед на големиот број неологизми кои би можеле да збунат обичен дактилограф. На крај, романот стигнал во Лондон на средината на декември 1948. Фред Варбург, неговиот издавач изјавил дека се работи за една од „најужаснувачките книги кои некогаш ги прочитал“, и дека ако не успее да продаде 15-20 илјади копии треба да биде застрелан.
„1984" е објавена на 8 јуни 1949 во Британија, а пет дена подоцна во САД, и веднаш е препознаена како ремек-дело, дури и од Винстон Черчил, кој му рекол на својот доктор дека ја прочитал два пати едно по друго. Орвеловото здравје продолжило да се влошува. Во октомври 1949 во болница се оженил со Соња Браунвел, а Дејвид Астор им бил кум. По неколку месеци во истата болница и умрел, на 46 години, а сестра му и син му ја слушнале веста на старото батериско радио во куќата во Шкотска, каде до скоро го пишувал неговото последно дело.