Во 1915, Алис Бол имала само 23 години. Тогаш била првата жена и првата Афро-Американка која магистрирала на Универзитетот во Хаваи. Истовремено, била првата жена и првата Афро-Американка професор по хемија. Потекнувала од релативно добро ситуирано семејство. Нејзинот татко бил уредник на весникот „Обоениот граѓанин“ (The Colored Citizen), фотограф и адвокат. Нејзиниот дедо пак бил еден од првите црни Американци кои ја употребувале технологијата на дагеротипија, печатење фотографии на метални плочи. Веројатно токму овие фотографски постапки ја поттикнале нејзината љубов за хемијата.
Студирала на Универзитетот во Вашингтон, хемија и фармација, а по дипломирањето во 1914 добила голем број понуди за стипендии. Го одбрала Универзитетот во Хаваи, каде започнала со магистерска теза, која вклучувала проучување на растенијата од родот „кава“ (Piper methysticum), кои растат на Пацифичките острови, каде се ценети поради своите седативни дејства. Ваквото занимавање со лековитите својства на билките ја довело и до семињата на дрвото чалмугра, кои излегле соодветни за третман на лепра, тогаш високо стигматизирана болест поради која болните од Хаваи биле насилно преселувани на изолиран остров и оставани без никаков третман.
Бол развила техника која се надоврзала на постоечки метод со семињата од ова дрво од индискиот потконтинент, познат уште од 14 век, кој сепак бил недоволно ефикасен поради начинот на кој се применувал. Таа ги издвоила потребните соединенија од маслото и хемиски ги модифицирала, произведувајќи супстанца која ги задржувала терапевтските својства и веднаш била апсорбирана од телото по инјектирањето.
За жал, не стигнала да ги објави своите револуционерни наоди. Починала на само 24 години, од нешто што најверојатно било резултат на случајно труење во тек на лабораториска демонстрација пред студенти, како да се стави гас маска во случај на напад со отровен гас (времето е пред Првата светска војна). По нејзината смрт, нејзиниот колега, Артур Дин, си ги припишал резултатите и го нарекол методот „Динов“.
Сепак, не сите верувале во неговите заслуги Најсомничав бил извесен Хари Т. Холман, главен здравствен инспектор, кој бил во тек со истражувањата на Бол. Тој ги прегледал публикациите на Дин за методот на третирање лепра и напишал извештај во кој тврдел дека станува збор за точно истите наоди до кои дошла и Бол. Променетото име на третманот (Ball Method) прв пат е спомнато шест години по нејзината смрт. Но требало да поминат уште неколку децении пред таа да го добие вистинското признание. Во 2000-тата Универзитетот во Хаваи поставил спомен плоча во нејзина чест на единственото дрво чалмугра во дворот на зградата. Истиот ден е прогласен и „Ден на Алис Бол“ кој сега се прославува на секои четири години. Во 2020 по неа е именуван и сателит.