Виктор Ноар (1848-1870) имал само 22 години кога бил случајно застрелан во меѓусебна пресметка помеѓу принцот Пјер Бонапарта (роднина на царот Наполеон Трети) и Паскал Грусе, уредникот на весникот за кој Ноар пишувал во тоа време. Настанот бил искористен од опозицијата на царскиот режим, со што Ноар станал нејзин симбол, а неговиот споменик на гробиштата Пер Лашез значајна локација за нивните собирања. На самиот погреб (најпрвин на други гробишта, од каде потоа бил префрлен на Пер Лашез) биле собрани повеќе од 100.000 илјади луѓе. Присуството било сметано за граѓанска должност на републиканците.
Дваесет години по неговата смрт, скулпторот Жил Далу добил нарачка за споменик на Ноар. Се одлучил за необично реалистичен приказ, на тоа како лежи погоден од куршум на земја, со јасни и буквално истакнати знаци на...посмртна ерекција.
Така, Ноар станал симбол не само на опозицијата, туку и на плодноста и сексуалната исполнетост. Верувањето е дека ако го погалите неговиот пенис и пуштите цвет во неговата шапка, тоа ќе ви донесе плодност и/или богат сексуален живот. Понекогаш на гробот доаѓаат жени кои по вршењето на овој ритуал добиле деца, и се сликаат со нив и со Ноар, како со дел од новото семејство.
Секако, гробиштата презеле мерки за искоренување на овој обичај, па во 2004 поставиле ограда околу статуата со знак: „Каква и да е штета предизвикана од графити или безобразно триење ќе биде санкционирано“. Но ваквата забрана предизвикало протести од група жени кои тврделе дека имаат право да си го бараат чарето со неплодноста и на овој начин, и дека се спротивно на тоа претставува кршење на нивните права. На гробот во таква, „безобразна“ поза е сликана и Дита Фон Тиз (а тие фотографии ќе ви препуштиме да си ги најдете сами).