Госпоѓица Холмс - јапонска верзија на Шерлок

Нова адаптација на приказна која има доживеано голем број верзии, и на хартија и на екран. Во оваа на ХБО главен лик е необична жена која се вика - Шерлок.

Главниот лик во новата адаптација на Шерлок го игра Јуко Такеучи, која како и машките пандани на ликот на славниот детектив е со брз и остар ум, но за разлика од нив - жена. Свири виолончело наместо традиционалната виолина. И во рекламите за серијата која оди на ХБО е претставена како „најубавиот Шерлок до сега“.

Вотсон пак во серијата се вика Тачибана, и е исто така млада и убава жена. Двете решаваат злосторства во современо Токио, прв пат како женски Шерлок-Вотсон пар.

Секако, старите добри приказни на Конан Дојл се повторно тука, но со нов „твист“. Првата епизода се базира на A Study in Scarlet (1887), обработена во „Шерлок“ на Би-би-си како A Study in Pink. Втората го содржи мотивот на Страдивариус, кој како што се дознава во The Adventure of the Cardboard (1893) ја направил виолината на која свири Холмс.

Критичарите велат дека споредбата со „Шерлок“ со Бенедикт Камбербач е нефер, бидејќи таа серија имаше само три епизоди по сезона, а Би-би-си ја продуцираше со сета расположива „ергела“ сценаристи, продуценти и режисери. Плус со Камбербач и сиот негов шарм. Госпоѓица Шерлок е по „лајт“ серија, а Шерлок во неа не е толку луд лик, повеќе луциден. Понекогаш дури и се смее, и тоа не цинично. И, за повеќе зачин, тука е и хемијата помеѓу јапонските Шерлок и Вотсон, малку понагласена од онаа помеѓу мажите во серијата, која беше предмет на благ потсмев.

Приказните на Конан Дојл пристигнале во Јапонија на крајот на 19 век, кога во списание бил објавен преводот на The Man with the Twisted Lip. Следеле уште преводи по весници, за во 1907 да биде објавена првата збирка. Целиот опус е преведен дури во 1955. Иако во оваа земја Шерлок фановите не се толку бројни како во Европа, сепак постојат креативни читања на неговите авантури, во форма на манга и анимирани серии, како детската верзија Case Closed, или куклена верзија која е лоцирана во интернат во Лондон. Во 2016 Титан комикс почнале да објавуваат манга серија базирана на верзијата на Би-би-си. Сега, Госпоѓица Шерлок е уште еден прилог на богатата јапонска култура на адаптации.

1 септември 2018 - 11:32